– Постарите не случајно констатирале дека нема поубаво море од „нашето море“, мислејќи на Јадранското море со Хрватското крајбрежје. Со децении омилената дестинација на генерации Македонци, нуди изобилие на места со туристички понуди од сите видови. Сакавме да откриеме кој е најхедонистичкиот начин да се ужива на Јадранот и да ги видиме бисерите на Јадранот, се обративме до еден од најдобрите хрватски новинари за туристички патувања, Владо Шестан, кој е и советник за патување на водечкиот портал „Травел адвајзер ЕУ“ допатувавме во Опатија.
-Се наоѓаме на еден од бродовите на компанијата „Катарина лајн“, кои први го смислија најдобриот начин на туризам во Хрватска, а тоа е седумдневно крстарење на мали крузери со до 40 патници, кои имаат 20 кабини и 8 членови на екипажот. Се тргнува од Опатија, Сплит или Дубровник и на овој начин може да се види најубавиот дел на Јадранското море и кога велат дека Хрватска има најубаво море на светот, тогаш тоа може и да се види на овие мали патувања. Бродот е секој ден во друго пристаниште, се патува денски од остров до остров и пловењето никогаш не е подолго од четири саати. Застанува во повеќе наврати во прекрасни заливи до кои не може да се дојде со автомобил, каде може да се ужива и бања, каде нема никој друг. Навечер престојува на Хвар, Корчула, Дубровник, Сплит и на други места. На нашето патување ќе ги посетиме Опатија и островите Раб и Крк, бисерите на северниот дел на Јадранот и на Кварнерскиот залив, најдрага дестинација за туристите од Германија, Австрија, Словенија, Италија и овој дел на Европа. Овој вид на туризам е нешто што го немаат другите земји, затоа што немаат такво мирно море и ветер. На пример, Грција може да има слично нешто, но таму ветровите се многу полоши и голема е оддалеченоста меѓу островите. Ова е специфичен туристички производ на Хрватска и можеме да ви кажеме само –дојдете и пробајте го најубавото што Хрватска го нуди, вели Шестан.
Опатија не пречека со блага температура и сето остананато од австроунгарскиот и југословенски шарм. Откако патриците од блиска Ријека од семејството Скарпа ја изградиле вилата Анѓолина во 1844 година со прекрасна градина со растенија од целиот свет, богатите благородници ја откриле привлечноста на ова место. Железничката врска помеѓу Виена, Трст и Риека во 19 век ја направија Опатија монденско приморско зимско и здравствено одморалиште на Хабсбуршката монархија, меѓу кои и на хабсбуршкиот цар Франц Јозеф и неговата сопруга, познатата Сиси. Нив ги привлекувала прекрасната природа, климата која лечи многу болести, и на крај, но не и најмалку важно, луксузните хотели кои биле изградени кон крајот на деветнаесеттиот век. Денес, романтиката од овие рани години во развојот на туристичкиот град е зачувана во стилскиот ентериер и прекрасните градини на неколку хотели, вклучувајќи го и хотелот Кварнер – првиот голем хотел во Опатија, изграден во 1884 година. Тука е и Гранд Адриатик изграден на почеток на 20-от век, вилата Ројал со истоимениот хотел, хотелот Париз, многу вили и бројни коноби и ресторани.
Се спуштивме до шеталиштето Лангомаре, патека некогаш направена за виенските грофови и господа. Шеталиштето долго девет километри, е издлабено во карпестиот брег, а чувството кога одите покрај него или ќе седнете на некоја од клупите е единствено на Јадранот. Во таа романтика во еден од рестораните, при нарачката изненадени добивме одговор на македонски јазик, од наш Македонец кој со години работи во рестораните во Опатија, за плата од 1200 евра. Вели има многу Македонци на сезонска работа, но не сакаше да го снимаме, па побаравме информација од нашиот туристички водич, да чуеме дали во Опатија доаѓаат македонските туристи.
– Македонците доаѓаат во Опатија преку неколку агенции и ноќеваат, доаѓаат редовно на разни начини, а некои и со бродови, доаѓаат, шетаат и уживаат, а доаѓаат и кога е фестивалот на чоколадото, како и на познатиот Опатијски карневал и секогаш се добредојдени, изјави туристичкиот водич Насрин Штрљиќ од Опатија.
Се сместивме на еден од 50-те крузери на Каталина лајн, на бродот Аквамарин, луксузно опремен крузер стар пет години. Долг е 43 метри, висок 8 ипол метри со површина од 200 квадратни метри. Има 19 кабини или двокреветни соби, распоредени на две палуби. Луксузно опремени со сите нишани, тоалет и туш кабина. На бродот има и ресторан и бар, три палуби и џакузи, од кои најгорната е наменета за одмор, сончање и рекреација.
По преспиената ноќ, рано сабајле околу 6 часот се запалија моторите на Аквамарин, со што започна нашето патување. И покрај дождот и брановите со кои се соочивме првиот ден, на бродот не се чувствуваше големо лулање, а и тоа е дел од луксузната авантура на крстарење по Јадранското море. Пловевме меѓу островите Црес и Крк, накај нашата прва дестинација, островот Раб.
После шест часа пловидба дојдовме до островот Раб. Пред да зборуваме за убавините на островот Раб, успеавме да влеземе во кабината на капетанот.
-Кога го управувам бродот најбитно е да не се судриме со некој друг брод. Хрватска има доста рибари, со бротчиња, кои фрлаат мрежа, и мораме да внимаваме и да ги заобиколуваме за да не дојде до оштетување на самиот рибарски алат, но и до оштетување на бродот. Ова горе што го гледате е радар, нешто се грее и мора да го вклучам, имаме и електрична навигација, еве ја гледате, но ништо нема подобро од старата школа, карта, трокут и шестар, тука е и компасот до кормилото. Во моментов пловиме со 7,6 чворови, смалена е брзината бидејќи во нас дува ветерот Југо кој многу ни ја намалува брзината, инаку нормално пловиме со 8 до 9 чворови, а максималната брзина е 12 миљи, вели Дуе Марин, капетан и сопственик на Аквамарин.
Капетанот Марин ни ја откри и тајната на убавините на крстарење со овие крузери.
-Со брод можете да ја истражите Хрватска, што не можете да го направите со автомобил. Кога сте во хотел каде доаѓате со автомобил, тука сте со останатите цело време. Но, кога сте на брод, одиме во преубави мали скриени заливи во кои никој не доаѓа, каде природата е недопрена, морето е тиркизно, и тоа е она што го чини овој брод посебен. Значи бањање, посети на бројни острови, а секој наш остров е преубав и има голема историја. За мене најубав остров е Вис, прекрасен е и до него пловиме, во зависност од времето, раскажува капетан Марин, кој внимателно го усидри бродот на пристаништето на градот Раб, најголем на истоимениот остров, кој се вика и „остров на среќата“, бидејќи, како што ни објаснија, тука среќата најлесно може да се почувствува.
Најдолгата воздушна должина на островот Раб е 22 км. Има околу 8.000 жители. Во Хрватска има малку градови кои се истакнуваат со таква убавина. Градот е сместен на полуостров, со векови одолева на времето, а над него будно стражарат четири камбанарии како вековен симбол на препознатливост.
Целата архитектура на островот, со различните стилски обележја, големото влијание на Млетачката република, го прават Раб исклучителен. Составен дел на градот се три долги улици, поврзани со 12 попречни тесни улички. Има два прекрасни плоштади, тераси, шеталишта крај морето и интимни места за одмор.
Раб е украсен со исклучителни примери на сакрална архитектура, како што е црквата Св. Марија од 12 век и блиската камбанарија, висока 26 метри, за која се смета дека е најубавата романичка камбанарија на Јадранот. Од занимливостите треба да се истакне приказната за каменорезачот Св. Марин, кој отишол на Апенинскиот полуостров и во 4 век ја основал Република Сан Марино. Денеска е Св. Марин е светец-заштитник на Лопар и особено важна личност за локалното население.
-Во последно време работиме на нашето културно наследство, особено на традицијата на рибарството, поморството и бродоградителството, а имаме и музеј на стрелаштвото и средновековното оружје, кој е важен за време на карневалите и витешките натпревари за време на верската процесија Крижево, раскажува Ивана Матушан, директор на Туристичката организација на Раб.
Како никаде долж Јадранскиот брег, на Раб има 30 песочни плажи, меѓу кои се издвојува километар ипол долгата Рајска плажа. Раб има и 300 извори на питка вода.
Се смета дека нудизмот во Хрватска е роден на островот Раб, бидејќи во 1936 година кралот Едвард Осми и неговата идна сопруга Волис Симпсон се капеле голи во заливот Кандарола. Така потполно несвесно започнала лавината на нудизмот која придонела за ненадејна популаризација на Раб.
За да не помислите дека Раб е само можност да прошетате низ историјата, жителите на Раб ќе ви понудат многу можности да уживате во сегашниот момент. Од деликатесни специјалитети од морска храна, како што се бузар и бродет, до освежителни голтки во вкусно украсените барови на стариот град. Само тука може да се вкуси Рабската торта, со традиција долга 300 години од венецијанската доминација, чии главни состојки се бадемите и ликерот Мараскино.
Вечерта уживавме во конобите на Раб, преспавме на крузерот Аквамарин и сабајлето бродот ги запали моторите и продолжи да плови кон острвот Крк.
Во далечина се гледаа два острови, познати по Информбирото и затворската голгота на социјалистичка Југославија, островите Голи Оток и Свети Гргур на кои беа затворени и бројни Македонци.
Пловејќи, овој пат по сончево време, продолживме да го запознаваме крузерот, на третата палуба, најголемата, со сите нишани за одмор, сончање, рекреација и дружба.
Така уживајќи, по три сата пловидба, дојдовме до третиот бисер на Кварнерскиот залив и Јадранот, до островот Крк, познат и како „златно острово“ уште од антиката, поради географската позиција, богатата вегетација и културното наследство и глаголицата, кое е колевка на хрватската култура.
Крк е втор по големина острoв во Јадранското море и единствен кој е поврзан со копно преку мост и аеродром. Од богатата понуда на Крк има повеќе градови и туристички места, како Њивице, Омишаљ, Малинска, градот Крк, Врбник, Пунат, Башка, Климно, Шило, a нас организаторите не одведоа во градот Крк и Врбник.
Градот Крк e најголемиот град на островот и има многувековна култура. Тука се вкрстуваат римските мозаици со старогрчките традиции, старите хрватски храмови.
Примери на глаголица коегзистираат со слики од венецијански уметници, што го прави Крк важна туристичка дестинација.
-Градот и островот Крк се дестинација која годишно привлекува 255.000 туристи. Крк е брендиран како град и остров на историјата и наследството, што може да се види на секој чекор. Имаме уредени плажи, разновидна туристичка понуда и бројни манифестации. Крк е познат и по својата гатрономска понуда, меѓу кои е Крчката пршута- првиот заштитен бренд во Хрватска, маслиновото масло, шкампите и рибите, автохтоната винска сорта жлахтина и овчото сирење кое има вкус на жалфија, посочува Ивана Ковачиќ, директор на Туристичката организација на Крк.
Следејќи ја гастрономската понуда се упативме до блиското газдинство во населбата Магриж на дегустација на овчи сирења во сите можни варијанти и вкусови на жалфија и морето. Отаму не однесоа во преубавиот Врбник.
Градот Врбник се нaоѓа високо на островот речиси на 50 метри надморска височина. Според богата историја Врбник се нарекува и лулка на писменоста на Хрватите. Може да се пофали со своето „глаголско“ наследство и со најпознатиот производ, златно-жолтото вино од автохтоната сорта Жлахтина. Врбник е познат и како град на најтесните улици во светот. Една од нив е улицата Кланчиќ чиј најтесен дел изнесува малку повеќе од четириесет сантиметри, па затоа после сите досегашни гастрономски искушенија, не би препорачале да поминете тука. Доколку „успеете“, преминувајќи ги тесните улички, ќе наидете на Старата Врбничка куќа, изградена во 15-тиот век, која денес е етно-музеј, декорирана наменски за да го прикаже животот на жителите на Врбник.
По целодневната обиколка на Крк, ја напуштивме оваа оаза на мирот и спокојството, се качивме на бродот да преноќиме и утредента се упативме кон нашата почетна дестинација, кон Опатија.
-Опуштени и одморени и со впечатоци од преубавата Хрватска, на преубавото хрватско приморје, на Опатија, Крк и Раб, полека со овој современ нов брод се приближуваме до Опатија со што завршува нашето патување по овој регион. Наша препорака е секако, немојте да се двоумите доколку сакате на овој начин да ја доживеете Хрватска и Јадранското море.
Оливер Бранковиќ