– Македонско-хрватското друштво и хрватскиот културен центар „Марко Марулиќ“ од Битола го одбележуваат денот на државноста на Република Хрватска.
Годинава во Битола гостуваат далматинската машка клапа „Жрновница“ и Народен театар од Сињ чии актери ќе ја изведат претставата „Семејна идила“
-Клапа „Жрновница“ доаѓа од истоименото место, предградие на Сплит. Континуирано работи од 2008 година, а е основана од нејзиниот долгогодишен водител, маестро Марко Марин. Нашите гости учествувале на многу фестивали, одржале концерти во Хрватска и во странство, во Франција, Италија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија, Словенија, Чешка, а вечер и во Битола. Клапата негува полифоно пеење на далматинскиот мелос, а во својот репертоар, покрај традиционалните „а капела“ песни, изведуваат и далматински песни со инструментална придружба на мандолина, гитара и бас, истакна Неда Маретиќ, портпаролка на ХКЦ „Марко Марулиќ“-Битола.
Во програмата за одбележување на денот на хрватската државност, во Битола гостува и народниот театар од Сињ чии актери ќе ја изведат претставата „Семејна идила“.
-Народниот аматерски театар од Сињ е основан во 1956 година и од тогаш до денес, вклучувајќи ја и претставата што гостува во Битола, подготвиле повеќе од 160 премиерни изведби. Овие бројки покажуваат дека овој театар е еден од најактивните аматерски драмски театри во Хрватска, и добитник на наградата на Сплитско-Далматинскиот округ за културна промоција на градот и регионот во Хрватска и странство, изјави Маретиќ.
Програмата со која ќе се одбележи на денот на хрватската државност ќе биде изведена вечер од 19 часот во битолскиот Офицерски дом.