2 јуни 2023
Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 20 мај.
Светиот маченик Талалеј
Родум од Ливан, од татко Верукиј и мајка Ромилија; осумнаесетгодишно момче со прекрасен изглед, со коса црвеножолта. Лекар по занимање. Пострада за Христа за време на царувањето на Нумеријан. Кога храбро ја исповеда својата вера во Господ Христос пред мачителот, овој им нареди на двајцата џелати Александар и Астериј со сврдел да му ги дупчат колената, да му провлечат јаже низ издупчените коски и да го обесат за едно дрво. Но на џелатите како една невидлива сила да им го зеде видот и наместо Талалеј тие издупчија една штица и ја обесија на дрвото. Кога дозна за ова мачителот помисли дека тоа го направиле намерно и нареди да ги бијат.
Тогаш Александар и Астериј повикаа: „Жив Господ, отсега и ние сме христијани, веруваме во Христа и страдаме за Него!“ Кога го чу ова, мачителот нареди и ги убија со меч. Тогаш самиот мачител зеде сврдел за да му ги дупчи колената на Талалеј, но рацете му премалеа, па мораше да го моли Талалеј да го спаси, а овој тоа и го стори со молитва.
Потоа го фрлија во вода, но тој жив му се јави на мачителот. (Зашто Талалеј во себе Го молеше Бога да не умре веднаш, туку да му се продолжат маките.) Кога го фрлија на ѕверовите, тие се умилкуваа околу него и му ги лижеа нозете. Најпосле беше убиен со меч и се пресели во Царството Небесно, во 284 година.
ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР
Денеска е 2 јуни.
Свети Марселин и Петар
Денеска ги празнуваме светите Марцелин и Петар (латински Marcellinus и Petrus Exorcista), римски маченици од IV. век. Тие биле римски граѓани и свештеници на Римската црква. Марселин бил свештеник, а Петар егзорцист. Блиски соработници во објавувањето на Радосната вест, биле мачени во 304 година, за време на прогонството на Диоклецијан. Папата Дамас известува за нивното мачеништво. Сведочи дека за ова мачеништво слушнал уште како момче од нивниот џелат. Според легендата, тие во затвор го претвориле во христијанство нивниот затворски чувар и неговото семејство. Судијата Северус или Серенус наредил да бидат погубени во шума и да се покрие секоја трага од нив. Тие биле обезглавени во местото наречено Силва Нигра (Шварска шума), недалеку од Рим. Тие морале сами да си го ископаат гробот, каде што останале додека не го открила побожната Римјанка Лусила, која ги навела да ги ископаат и да ги префрлат на друго место.