Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска денеска одржа средба со универзитетските професори Милева Ѓуровска, Марина Митревска и Драган Тевдовски, како претставници на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).
Како што соопшти владината прес-служба, НКЕУ-МК е демократски форум за отворен и транспарентен дијалог за прашања поврзани со Пристапните преговори за членство во Европската Унија.
– Претставниците на НКЕУ-МК ја информираа вицепремиерката Грковска за досегашните активности на оваа платформа, која изминативе седум години активно работи на развивање на широка и стручна партиципативност во подготовката на релевантни содржини. Од нивната досегашна работа, од кластерска перспектива, произлегле 600 публикувани препораки до државните институции, стои во соопштението.
Повод за денешната средба е новата етапа во работата на НКЕУ-МК, која се фокусира на борбата со корупцијата и заштитата на финансиските интереси на државата.
– Во таа насока, беше побарана поддршка и вклучување на вицепремиерката за добро владеење во активностите на новоформираната Работна група за антикорупција, која во наредниот период ќе работи на препораки за подобрување на управувањето со јавните финансиии и фискалната транспарентност, со цел намалување на можностите за коруптивно однесување во јавниот сектор, се вели во соопштението.
Вицепремиерката Грковска изрази подготвеност за поддршка на Националната конвенција за ЕУ и истакна дека во сите активности поврзани со пристапниот процес мора да се подобрува и информираноста на граѓаните за придобивките од членството во Европската Унија.