Во организација на Македонската асоцијација за искуство на клиенти и вработени (МАЦЕКС) денеска се одржува конференција Firestarter ’23, интернационална конференција за искуство на клиенти и вработени
Како што соопштија од МАЦЕКС, на конференција, што претставува нова платформа за размена на искуства и знаења со регионален карактер и има за цел да ги адресира двете најважни сили на секој бизнис задоволни клиенти и вработени, учествуваат менаџерски тимови од најголемите македонски компании.
На конференцијата, најавено е со свои презентации да се обратат предавачи од Австрија, Италија, Словенија, Србија и успешни менаџери од земјава, кои ќе зборуваат за нови трендови и перспективи во водење на бизнисите и овозможување исклучителни кориснички искуства. Во фокусот на оваа конференција ќе биде формулата за успех среќни вработени и задоволни клиенти до успешен бизнис.
На отворањето на конференцијата се обратила претседателката на МАЦЕКС, Христина Велковска, која истакнала дека фокусот на конференцијата се двете најсилни движечки сили на секој бизнис и голем и мал, без разлика на секторот и индустријата, а тоа се лојални клиенти, и лојални вработените кои ќе бидат вистински бренд амбасадори.
– Едноставната формула за успех во која денес ќе се обидеме да проникнеме преку различни искуства и најнови трендови е преку среќни вработени – задоволни клиенти- до успешен бизнис! Сите сме свесни дека времињата и условите на пазарот се менуваат, и затоа неопходно е да сме агилни, да се прилагодуваме преку зајакнување на внатрешните системи за вистинско управување со потенцијалот на луѓето и следење на новите технологии и начини на работа. Вработените кои чувствуваат припадност, имаат и повисок степен на одговорност, грижа и продуктивност во својата работа, што се гледа преку грижата за крајните корисници. Што повеќе ги хуманизираме нашите пристапи и нашите компании ги направиме насочени кон луѓето толку повеќе ќе ја зголемиме нашата конкурентска предност, истакнала Велковска, стои во соопштението.