Во Европската унија, 70 проценти од европските политики, директиви и насоки се имплементираат преку локалната самоуправа што значи дека тој сегмент е прилично силно изразен кај нив. Кај нас, иако, законски сме функционално децентрализирана држава, нашиот проблем е финансиската децентрализација каде и по 18 години, 70 проценти од приходите на општините се државни дотации, а силно е присутен и популизмот во локалната самоуправа, па не сакаат да ги наплатат вистинските услуги.
Ова го истакна министерот за локална самоуправа Ристо Пенов на денешната кафе – дебата во Скопје, организирана од Европското движење (ЕММК) на тема „Локални иницијативи за глобални чекори“.
Пенов потсети дека иако идејата на финансиската децентрализација кога се правеше во 2005 година беше да се стартува со 70 проценти државни дотации и 30 отсто сопствени приходи кои ќе ги собираат општините и со текот на времето тој сооднос да се промени користејќи ги инструментите кои локалната самоуправа ги има – данок на имот, такси за користење на јавен простор, загадувања, комунални сервиси и други приходи, сепак се уште сме на почетниот стадиум.
-Меѓу причините за тоа, кои се повеќекратни, се недоволната созреаност од аспект на достигнување на капацитетот на администрациите во локалните самоуправи, недостигот на финанските средства, но, најважниот е многу силно присутниот популизам во локалната самоуправа, каде не сакаме да се соочиме со граѓаните и да ги наплатиме вистинските услуги што општините ги даваат, вели Пенов.
Како пример го посочува Град Скопје каде јавниот превоз е со исти цени како кога тој бил градоначалник, односно пред децентрализацијата, иако во меѓувреме цените на горивата, на превозните средства и на платите се повеќекратно зголемени, што се надоместува со дотации од Градот кон Јавното претпријатие. Овие дотации, додава тој, достигнуваа и до двоцифрени милиони евра со што се одземаат инвестициите во улици, канализации и друга инфраструктура која на градот му е потребна, со што повторно се доаѓа до истотото незадоволство бидејќи не можат да се одржат услугите.
Ова, според него, може да се надомести со европските фондови, кои не се доволно искористени бидејќи општините немаат доволно капацитети за тоа, а одговорност на централната власт е да им помогне на локалните самоуправи да ги подигнат своите капацитети за да можат да ги користат тие сретства.
Тој не се согласува со забелешката дека нема комуникација меѓу централната и локалната власт.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, смета дека главниот проблем е што во земјава има сиромашни општини, не функционира фискалната децентрализација и има постојано мешање на политиката во начинот на реализација на проектите на локално ниво и во одредување на она што е приоритетно за граѓаните.
– Со министерот за локална самоуправа сме еден од ретките примери во однос на начинот на комуникација наспроти сите останати министерства на централно ниво. Тоа е проблем 30 години наназад во државата, затоа што кога централната власт е од една политичка партија и провиниенција, а локалната од друга, секогаш има пресметки. Тука е секогаш она кога централната власт може да ви одземе ингеренции, да се докажувате со истите и главниот проблем е што Владата по лично убедување и лични чувства одлучува во која општина што да инвестира. Не се настапува рационално во тој поглед. Во Скопје има општини каде е потребно да се градат градинки, а на сметка на тоа Владата од политички причини одлучува да се гради градинка во место каде реално нема потреба од истото, вели Ѓорѓиевски.
Според него, освен спроведување на фискалната децентрализација потребно е да се воспостави систем, каде без разлика дали локалната и централната власт се од различна политичка партија, ќе се запре процесот на реваншизам, за што сметката на крајот ја плаќаат граѓаните.
Амбасадорот на Словачка, Хенрик Маркуш, кој е страствен вљубеник во екстремниот велосипедизам и има поминато 80 проценти од територијата на државата со велосипед, вели постојат големи потенцијали за развој на туризмот особено во однос на сегментот на велосипедизмот. Потребна е добра стратегија за привлекување туристи од централно-европските држави како Словачка.
-Имате добар потенцијал за привлекување туристи. Имаме есктремно голема предност Македонија и Словачка во однос на заедничкото наследство на Свети Кирил и Методиј. Тоа е една точка која не поврзува и која може да се искористи за промоции. Сепак, и покрај заедничкото наследство на светите браќа, Македонија во Словачка е малку позната, вели амбасадорот Маркуш кој и самиот вели дека би помогнал во делот на туристичката промоција.
Претставници на граѓански здруженија посочија дека е многу важно поголемото учество и вклучување на граѓаните во носењето одлуки и креирањето локални политики. Во однос на европските фондови, проблемот со недостиг од соодветни капацитети велат општините можат да го решат со аутсорсинг.
Дебатата беше дел од циклусот настани „Кафе Европа“ со кафе-дебатата кои традиционално ги организира Европското движење (ЕММК).