Во организација на градинката „Росица“ од Општина Ѓорче Петров денеска се одржа едукативниот настан насловен „Волшебниот свет на книгата“ со возрасните групи од 5-6 години од сите шест објекти заедно со учителките, стручните соработници и негувателките, информираат од Општина Ѓорче Петров.
– Настанот беше организиран со цел истакнување на книгата и пишаниот збор како важен елемент во развојот на детето, наспроти се почестата употреба на мобилни телефони кај најмладите како едукативен елемент, велат од општината.
Во Центарот за култура на Општина Ѓорче Петров присуствуваше и градоначалникот Александар Стојкоски кој истакна дека ова е одличен настан со цел да се збогатат детските знаења за светот на книгите.
– Исто така, целта е дечињата да го сознаат патот на изработката на една книга, како и развивање на креативноста и интересот на децата за поттикнување и стекнување навика за читање. Општина Ѓорче Петров секогаш е поддржувач на вакви настани кои имаат за цел правилно насочување и развој на нашите најмлади жители, додаде Стојкоски.
Од општината посочуваат дека проектот е реализиран со различни активности кои, како што велат, ги воведоа децата подлабоко во светот на книгата, а тоа предизвика силен интерес кај најмладите.
-Книгите ги мотивираа децата да изработат на насловни страни на омилените бајки, јунаци, животни, како и драматизирање на омилените текстови, велат од општина Ѓорче Петров.