Европратениците го доведуваат во прашање кредибилитетот на Унгарија да претседава со ЕУ

parlament_eu_3453543
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Европратениците утре ќе гласаат за резолуцијата за кршење на владеењето на правото и основните права во Унгарија и замрзнатите фондови на ЕУ, што ја доведува во прашање и способноста на земјата кредибилно да претседава со Советот на ЕУ за нешто повеќе од една година.

Во резолуцијата европратениците предупредуваат дека доколку Советот не преземе ништо, Европскиот парламент ќе преземе „соодветни мерки“, пишува Политико..


Унгарија и Полска, две членки на ЕУ кои имаат проблеми со владеењето на правото и почитувањето на другите основни вредности на ЕУ, треба да претседаваат со ЕУ во втората половина на 2024 година, односно првата половина на 2025 година, веднаш по европските избори и за време на клучната прва година на новата Европска комисија.

Резолуцијата за Унгарија ги повторува наодите, загриженоста и препораките од претходните резолуции, особено во однос на 12-те области наведени во документите од 2018 и 2022 година и ги осудува „намерните и систематски“ напори на унгарската влада да ги поткопа основните вредности на ЕУ.

Укажува на одговорноста на унгарската влада за враќање на усогласеноста со правото и вредностите на ЕУ и изразува голема загриженост поради натамошното влошување на ситуацијата во областа на владеењето на правото и основните права.

Се наведува дека неколку закони се донесени нетранспарентно, без доволно можности за собраниска расправа и амандмани и без значајни јавни дискусии, како и дека состојбата во однос на правата на LBTIQ+ заедницата во Унгарија е загрижувачка.

Во резолуцијата се изразува и жалење за кампањите на унгарската влада против ЕУ, кои, убедени се европратениците, предизвикуваат дополнителна штета на довербата меѓу Унијата и Унгарија и бараат соодветен одговор од Европската комисија.

Кога станува збор за претседавањето со ЕУ и неговото значење, резолуцијата го поставува прашањето како Унгарија може веродостојно да ја исполни таа задача, со оглед на нејзиното непочитување на правата и вредностите на ЕУ, како и принципите на „искрена соработка“.

Од Советот се бара што поскоро да се најде соодветно решение и потсетува дека Собранието може да преземе мерки доколку не се најде решение.

Со можните решенија на проблемот со унгарското претседателство се занимаваа холандските адвокати од Комитетот Мејерс. Тие разработија три можности за спречување на конфликт на интереси за време на унгарското, а потоа и полското претседавање со ЕУ, објави бриселскиот портал Политико.

Првата можност е да им се „одземат“ чувствителните прашања на Унгарија и Полска преку договор со другите претседателства од нивната тројка. Тоа значи дека Унгарија и Полска би претседавале со ЕУ, но другите земји од нивната тројка би го преземале управувањето со состаноците и преговорите кога има конфликт на интереси.

Унгарија е во трио со Шпанија и Белгија и Полска со Кипар и Данска.

Друга можност би била да се одложи претседателството на Унгарија и/или Полска со одлука на Советот без промена на сегашните правила. Бриселскиот портал пишува дека членките на ЕУ можат да одлучат за промена на редоследот на претседавањето повикувајќи се на претходни преседани – редоследот досега е менуван шест пати, најмногу по влезот на новите членки во ЕУ.

Исто така, постои можност да им се забрани на Унгарија и Полска да претседаваат со усвојување на ново правило со кое би се спречиле земјите против кои се води процедура за кршење на владеењето на правото да претседаваат. Тоа правило би било усвоено со квалификувано мнозинство во Советот, велат правните експерти.

„Политико“ ги праша авторите дали може да функционира првата можност, со оглед на бројните примери кои покажуваат дека Унгарија и Полска, кога сакаат, ги блокираат европските предлози и закони. Авторите велат дека затоа опциите два или три би можеле „да станат доволно кредибилни“.

Ако другите членки на ЕУ „сериозно ја сфатат својата соодговорност, тешко е да се замисли дека ќе дозволат Унгарија или Полска да пристапат кон кое било прашање. Затоа втората и третата опција се веројатно поатрактивни“, дури и за партнерите од триото, ја пренесува Политико оценката на правникот.

Унгарската министерка за правда Јудит Варга претходно го оцени текстот на резолуцијата на Европскиот парламент како „антиунгарска иницијатива“.

„Да бидеме на чисто – претседателството со ЕУ не е право туку обврска. Ние ќе ја исполниме таа обврска и никој не може да ни ја одземе“, напиша таа во една реакција на Фејсбук.

Варга неодамна на седница на Комитетот за европски прашања на унгарскиот парламент изјави дека подготовките за претседавањето со ЕУ напредуваат добро.

Таа ги наведе приоритетите на претседателството, кои опфаќаат подобрување на конкурентноста, справување со демографските предизвици, поддршка на процесот на проширување на ЕУ, борба против илегалната миграција, зајакнување на одбранбената политика на ниво на ЕУ, политика на кохезија и следниот седумгодишен буџет на ЕУ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK