Собранието попладнево во рамки на 100. седница ја заврши расправата за измените и дополнувањата на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце – Крива Паланка – источниот дел од железничката пруга на Коридор VIII, фаза 2“, по скратена постапка.
Измените следуваат по добиентиот грант од 68 милиони евра од Инвестициската рамка на Западен Балкан и треба да се направи пресрапределба меѓу трите лота во тендерот, односно прва и втора фаза од пругата кон Бугарија и обновата на Коридорот 10 помеѓу Ногаевци и Неготино.
Се законот се предвидува склучување анекс на Договорот за заем во износ од 145 милиони евра првично наменет за финансирање само на изградба на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка. Средствата ќе се пренаменат, и тоа 106.750.000 евра за градежни работи за изградба на железничката линија од Бељаковце до Крива Паланка (фаза 2), вклучувајќи и обнова на постојните делови од линијата, – 4.500.000 евра за консултантска помош за надзор и поддршка при имплементацијата на договорот за градежни работи, финансирана од средствата на заемот и фондовите за техничка соработка, 30.200.000 евра за градежни работи за финализирање на изградбата на железничката линија од Куманово до Бељаковце (фаза 1), 2.100.000 евра за градежни работи за финализирање на подобрувањето на железничката пруга на Коридорот X, и 1.450.000 евра за еднократна провизија.
Предуслов за склучување на анексот на Договорот за заем меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за финансии и ЕБОР е усвојување на Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај ЕБОР по Договорот за заем за финансирање на проектот Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце-Крива Паланка, источниот дел од железничката пруга Коридор VIII, фаза 2, од страна на Собранието на Република Северна Македонија и негово објавување во Службен
весник на Република Северна Македонија.
Без пријавени за збор заврши расправата и за предлог-одлуките за давање согласност на Годишна програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2023 година и на Финансискиот план на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2023 година.
За трите точки од дневниот ред на 100-та и 99-та седница ќе се гласа дополнително.
Претходно денеска заврши расправата и за измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, поврзан со коридорите 8 и 10д што е на дневен ред на 112. седница.