Обвинителството достави нови медицински докази во случајот со Христијан Пендиков, против прво обвинетиот Илија Спасески, по што одбраната побара одлагање на рочиштето за да ги анализира доказите, но судијата Бојан Мартиноски не дозволи. Адвокатите на обвинетиот ја напуштија судницата, а Спасески рече дека не сака да се брани сам и побара одлагање.
Судијата му даде поука на обвинетиот Спасески дека доколку не ангажира адвокат за следното рочиште, тоа ќе се одржи. Рочиштето, како што посочи судијата Мартиноски ќе се одржи и доколку новоангажираните или актуелните бранители ја напуштат салата на таков начин.
Застапникот на Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски смета дека од процесен аспект одбраната има право да побара одлагање, бидејќи имало дополнување на медицинското вештачење. Лекувањето, посочи, се уште трае и медицинската документација беше доставена подоцна. Тој потврди дека постои уште еден напаѓач на Пендиков, што се гледало и на снимката која беше изведена како доказ во судот.
– Постапката ќе продолжи, со каков тек останува да видиме. Тврдењата на одбраната изнесени до сега паѓаат во вода. Одбраната тврдееше дека Христијан Пендиков не поседува бугарско државјанство, но веќе поседува. Тврди дека оштетениот е истепан од други лица, но на кобната вечер не постои запис во МВР дека постои друг кривични правен настан како тој и не постои друго лице кое се јавило во болница со такви повреди од таков кривично правен аспект. Генерално обвинението е основано, вели Камишевски.
Прашан за тоа на кој јазик ќе го дава исказот Пендиков, неговиот застапник рече дека ќе го дава на македонски јазик и оти ќе биде присутен на следното рочиште закажано за 12 јули.
-Тука е роден, завршил основно образование и тоа претпоставува дека одлично го владее македонскиот јазик. Најверојатно ќе биде присутен на следното рочиште. Со оглед на тоа што се уште му трае лекувањето. Повредите се тешки и сериозни и има потешкотии при патувањето, рече Камишевски.
И покрај тоа што неговиот адвокат не дозволуваше прашања за Пендиков на новинарските прашања за неговата здравствена состојба, тој рече дека е подобар и оти му претстојат уште прегледи.
– Се надевам дека ќе можам да патувам на 12 јули и сакам да го остварам моето право да присуствувам, бидејќи треба да се соработува со судот, изјави Пендиков.
Не се плашел за својата безбедност, но подвлече дека не е убаво чуството што добивал по 20-30 закани на социјалните мрежи.
Димитрија Цобоски, адвокатот на обвинетиот Илија Спасески, вели дека чинот на напуштање на судницата е револт кон судот за недавањето можност да ги анализираат новите медицински докази.
– Побарав согласно законот одлагање, бидејќи се доставија нови докази ново дополнување на вештачење. Во никој случај како сериозен адвокат неможам да се согласам да отпочне сослушување во поглед на кривично правниот настан, а да незнам што стои во тоа дополнително медицинско вештачење, истакна Цобоски.
Забележа дека судот има некаков притисок, бидејќи основно право на одбраната било да ги има сите докази.
– Не е сеедно во овој момент ако има некоја измена на медицинското вештачење тоа да не го знаеме и да не можеме да поставуваме одредени прашања во однос на повреди и слично, додаде адвокатот на Спасески.
Според него, случајот Пендиков, предизвикал меѓународен и европски проблем.
– Истата вечер имало и друг настан каде бил претепан човек од повеќе извршители, бил исто поврден, никој ниту го спомна случајот ниту излезе во јавноста. Ќе се бориме за апсолутна примена на закони и ако врз основа на доказите произлегува дека е виновен ќе си одговара тој што е виновен. Но во самото обвинение стои дека обвинетиот Илија со НН лице. Е па тоа НН лице кои повреди ги нанесе, забележува Цобоски.
Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во угостителски објект на Кејот на Охридското Езеро во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. По неговото лекување во Бугарија, тој доби и бугарско државјанство, кое му беше врачено од потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова.