Премиерот Ковачевски на Форум на Глобсек 2023 во Братислава, средби со фон дер Лајен и Макрон

kovacevski-lajen
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот Димитар Ковачевски учествува на Глобалниот безбедносен форум на Глобсек 2023 во Братислава, каде ќе се обрати на панел сесија на тема „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“, на кој во фокус на дискусиите ќе биде регионалната соработка, интеграцијата на регионот во ЕУ и предизвиците за Европа од војната во Украина.

Во рамки на агендата, Ковачевски денеска ќе одржи билатерална средба со францукиот претседател Емануел Макрон и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, јави известувачот на МИА од Братислава.


Ковачевски, вчера во рамки на форумот имаше средба и со специјалниот претставник на ЕУ задолжен за дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак.

На средбата, премиерот Ковачевски, како што соопшти владината прес-служба, ја потенцираше заложбата на Владата, Северна Македонија како и досега да придонесува за унапредување на регионот, како и за неговиот мир и стабилност, истакнувајќи дека нашата држава има цврста определба за зајакнување и унапредување на добрососедските односи и дека преку дијалог и соработка се етаблираше како држава фактор на стабилност во регионот.

Ковачевски ја нагласи максималната посветеност на Владата на реформскиот процес во земјава како и на процесот на пристапни преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ, потенцирајќи дека брзото членство на земјите од Западен Балкан во Унијата би спречило чувствителните точки во регионот да ја нарушат безбедноста и стабилноста, а со тоа и да го закочат неговиот економски развој.

На средбата, Ковачевски и Лајчак истакнаа дека во државата е потребен политички дијалог и сите општествени, политички, невладини и граѓански чинители потребно е да постигнат консензус со што не би се кочел процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ и повикаа на итна деескалација на состојбата во Косово и враќање на мирот и стабилноста.

На собирот во Братислава присуствува и министерот за надворешни работи и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, кој вчера се обрати на панелот посветен на иднината на проширувањето на Европската Унија. Во обраќањето, Османи посочи дека иако целосното пристапување во ЕУ може да потрае неколку години, на земјите кандидати за членство во Унијата им требаат краткорочни, но веродостојни и реални привремени чекори со цел унапредување на економијата, поврзувањето и демократските процеси.

На Форумот, учествуваат шефови на држави и влади од Европа и светот, како и претставници на најзначајните и највлијателни меѓународни организации.

Во фокус на дискусиите на претстојниот Форум се три теми – натамошната поддршка за Украина, отпорноста на Европа наспроти војната, како и ублажувањето на глобалните последици од конфликтот преку зајакнување на економските и енергетските врски.

Безбедносниот форум на Глобсек е етаблиран како најистакната платформа низ регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Овогодишното, 18-то издание на Форумот, има за цел да го потсети светот дека овој регион никогаш не бил поклучен во обезбедувањето на глобалната стабилност.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK