Во посета на Свештената Бигорска обител престојуваше Стево Стефановски, пријател на Бигорската Обител и дарител на врата на бигорскиот католикон на Свети Јован Крстител, информираа од Бигорската обител.
-По повод илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир, одбележана пред нецели три години, тој благочестиво ги покри трошоците за изработката на новата храмова врата, изработена во техника со седеф од мајсторот Абдулменем Рабее од Сирија. Со тоа, во Бигорски продолжи традицијата за украсување на Божјиот храм со предмети изработени од седеф, како што било и во вековите наназад, додаваат од обителта.
Според нив, позната е древната бигорска дарохранилница, изработена во седеф, којашто ја овековечил фотографот Георги Трајчев во почетокот на минатиот век.
Оваа ориентална техника на украсување на дрвените предмети во минатото била многу застапена во нашата држава, особено во Охрид и Битола, каде што и до ден денес во храмовите се наоѓаат црковни предмети изработени во седеф, како на пример, целивални, владички тронови…
Стефановски, по потекло битолчанец, кој живее во Скопје, е познат македонски пилот капетан, сега веќе во пензија, и учител на пилоти. Како голем филантроп тој е донатор на повеќе хуманитарни настани.
Заедно со Стефановски во ова наше древно светилиште престојувале и познатиот македонски уметник, сликар и хуманист Живко Поповски – Цветин и Зоран Картанџиев, кои срдечно биле пречекани од страна на неговото преосвештенство Епископ Антансики г. Партениј.