Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, го осуди насилството на Косово и ги повика косовските власти и демонстрантите да ја смират ситуацијата и да се однесуваат одговорно, јави дописникот на МИА од Белград.
-ЕУ силно го осудува шокантното насилство во Звечан. Насилство извршено врз припадниците на КФОР, медиумите, цивилите и полицијата е апсолутно неприфатливо, напиша Борел на својот Твитер профил и додаде:
„ЕУ ги повикува косовските власти и демонстрантите веднаш и безусловно да ја смират ситуацијата. Очекуваме двете страни да се однесуваат одговорно и веднаш да најдат политичко решение преку дијалог“.
Германското Министерство за надворешни работи ги осуди нападите на северот на Косово во кои беа повредени војници и цивили на КФОР и повика на итна деескалација.
-Силно ги осудуваме неприфатливите насилни напади на северот на Косово … во кои беа повредени десетици војници на КФОР/НАТО и неколку цивили. Нашите мисли се со повредените и им посакуваме брзо закрепнување, се вели во соопштението германското Министерство за надворешни работи, во кое се додава дека е неопходен итен прекин на сите насилства и на сите дејствија кои поттикнуваат тензии.
-Ги повикуваме Косово и Србија да се приклучат на преговорите, без никакво натамошно одлагање, и да продолжат да работат на имплементација на Договорот за нормализација, постигнат во февруари и март, вклучително и Заедницата на општини со српско мнозинство, се вели во соопштението.
И Министерството за надворешни работи на Франција ги повика страните, особено властите во Приштина, да преземат мерки за смирување на тензиите на северот на Косово.
-Франција најодлучно го осудува насилството и ги повикува страните, особено владата на Косово, веднаш да ги преземе неопходните мерки за намалување на тензиите, се наведува во соопштението на Министерството објавено на Твитер.
Во соопштението се изразува и солидарност со војниците на мисијата КФОР кои вчера беа повредени во Звечан.
-Франција изразува целосна солидарност со војниците на мисијата КФОР, чии неколку членови беа повредени за време на конфликтот на северот на Косово кога интервенираа, во извршувањето на нивната мисија, меѓу српските демонстранти и косовските полициски сили, се вели во соопштението од француското Министерство. Министерството ги повика страните да се вратат на преговарачка маса, и да најдат решение со компромисни позиции во рамките на дијалогот.