Ѓилас: Почна падот на СНС, се намалува поддршката на народот за Вучиќ

gilas
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Нас не нè интересираат зборовите на Александар Вучиќ, нас нè интересираат неговите постапки. А, последица на тие постапки е она на што денес личи Србија“, изјави лидерот на Странката за слобода и правда, Драган Ѓилас, јави дописникот на МИА од Белград.

Ѓилас за ТВ Н1 го повтори ставот на опозицијата дека нема да има преговори со Вучиќ додека не ги исполни барањата изнесени на протестите.


-Тоа се барања кои ќе ни помогнат да станеме нормално општество. Кога тоа ќе заврши, тогаш ќе можеме да зборуваме за условите за решавање на политичката криза, а тоа се изборите, нагласи Ѓилас.

Говорејќи за протестот „Србија против насилството“ во саботата, тој кажа дека не бил изненаден од бројот на луѓе на тој протест.

– Знаев дека ќе има голем број луѓе бидејќи ги имаше и минатиот петок, а доаѓањето на толкава маса во Белград ги мотивираше луѓето да излезат и да покажат што мислат. Од првиот ден има огромен број и тој број расте, кажа Ѓилас.

Тој смета дека во петокот на митингот на Вучиќ „луѓето побегнале од дождот и не сакале да го слушаат Вучиќ, додека во саботата никој не ни помислил да си оди“.

„Ова е она што оваа власт одамна не го разбира, а не го сфати особено во последните дваесетина дена. Тие луѓе се таму затоа што сакаат да живеат нормално и не можат повеќе да издржат“, рече Ѓилас.

– Луѓето разбираат дека ниту Вучиќ ниту СНС не можат да ја водат оваа земја. Тие не можат да бидат лидери. Започна падот на СНС, се намалува поддршката од народот, а структурите на оваа држава чувствуваат дека се слаби и дека тоа нема да може долго да трае. Нема враќање назад. Од начинот на кој ќе се однесува власта ќе зависи колку ќе биде болен за нив падот од власта. Но, тоа е неизбежно, потенцираше Ѓилас на Н1.

Премиерката Ана Брнабиќ говорејќи денес на барањата од протестите и на барањата на опозицијата, изјави дека претседателот Александар Вучиќ е подготвен да разговара за кокретни предлози за подобрување на безбедноста, но дека од опозицијата се слуша само политика, а не и конкретни мерки.

Таа додаде дека нема да има никаква привремена влада и дека само на избори може власта да се менува.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK