Пилот-проект за дигитален толкувачки сервис, преку видео-повици глувите и наглувите ќе добиваат информации од институции

spasovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Националниот сојуз на глуви и наглуви (НСГНРСМ) денеска во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје го промовира пилот проектот „Дигитален толкувачки сервис за глуви и наглуви“. Со него се предвидува да бидат поставени таблети на повеќе точки во одредени иституции, како министерствата за внатрешни работи, за здравство и други министерства. Повеќе од седум илјади глуви и наглуви лица да можат да остваруваат видео-повици кон сертифицирани толкувачи на знаковен јазик за да помогнат при комуникацијата со институциите и надминување на пречките и недоразбирањата со кои што тие се соочуваат.

Лиза Велкоска, генерален секретар при НСГНРСМ истакна дека потребно е соодветно образование за глувите лица, прилагодување на образовниот процес каде што ќе се вклучат сите релевантни чинители за да можеме, како што рече, точно што треба да се промени и да најдеме начин како да продолжиме напред заедно со нив. Потенцира дека визијата на овој проект е да ја даде испораката на најквалитетната видео-услуга за далечинско толкување што ќе им даде моќ на глувите лица да уживаат во независен и поврзан живот со другите во оваа општетсво.


-Во врска со олеснувањето на комуникацијата на глувите лица досега НСГНРСМ презема конкренти чекори и дејствија. Започна со спроведување на проектот кол-центар уште од 2019 година со помош на МТСП и се спроведува до ден денес. Кога тие имаат потреба да пристапат до одредена услуга, тие комуницираат со помош на трето лице. Тоа ја влева нивната недоверба бидејќи мораат да ги откријат сите информации кон лицето кое што се во придружба. Без пристап до комуникација, глувите лица не се комплетни, функционални и самостојни. Кога ова лице ќе доживее несреќа, грабеж, семејно насилство или нешто слично, тоа лице не може без придружник да го пријави истиот настан во полиција или кај социјалниот работник. Тоа лице е немоќно во таа ситуација и се повлекува во себе. Кога глувото дете не може да го слушне или разбере учителот, тоа дете е беспомошно. Кога е во таква ситуација, многу често се случува да се појави лутина која може негативно да влијае во училишната средина. Ова треба да не стави во мисла затоа што многу често можеме да дадеме претпоставка дека тоа се лица кои не можат да го контролираат својот темперамент, а всушност тие само не умеат преку зборови да ги изразат своите мисли, емоции и чувства, рече Велкоска.

Таа апелира до министерот Меџити да продолжи да се спроведува проектот на Министерството за здравство „Мое здравје“ кој го користат глувите лица се додека овој пилот-проект не ги даде очекуваните резултати.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, паралелно со реформите во институциите, неопходно е подигање на свеста кај граѓаните.

-Чекор понатаму и пошироката јавност да учествува во отстранувањето на бариерите како во физичка, така и во социјална средина. Затоа, не ретко велам дека за нашето општество е потребна реформа на умот. Секој заслужува еднаков статус во правата и сите заедно треба да работиме кон целосна интеграција на глувите и наглувите лица како во секојдневниот живот, така и во работната средина, рече Спасовски.

Фатмир Меџити, министерот за здравство истакна дека оваа иницијатива несомнено има позитивно влијание врз комуникацијата и пристапноста на заедницата на глуви и наглуви лица во нашата земја.

-Со поставувањето таблети со поголем број институции меѓу кои и здравствени, како и во надлежност на МВР и други министерства ќе се овозможи поконкретно да се увидат потребите на глуви и наглуви лица кои ќе комуницираат преку видео повик со сертифицирани толкувачи на знаковен јазик, рече Меџити.

Африм Буњаку, извршен директор на „Виртуал асистент груп“, компанијата која ќе го реализира проектот, истакна дека  нивна цел била за лицата кои што се глуви да придонесат и да направат тие да бидат сосема независни од нивните членови на семејството и пријатели кога ќе станува збор за комуникација. Со нашето решение, рече тој, им помогнавме на илјадници глуви лица да учат, да најдат работа, да отвораат сопствени компании и што е најважно од се да бидат дел од нашето општество.

Според заменик-министер за труд и социјална политика Енвер Хусејин, преку воведување на пилот-проектот „Дигитален толкувачки Сервис за глуви и наглуви“ заедницата на глуви и наглуви ќе добијат релевантни податоци преку поставување на таблети на повеќе точки во одредени институции каде според повиците на кол-центарот се најпотребни. Потенцира дека овој дигитален толкувач не само што ќе го олесни и забрза начинот на пренос на информациите и ќе обезбедува сигурен и точен пренос на информации кои им се потребни на глувите и наглувите лица во секојдневниот живот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK