Итната медицинска помош во Берово ќе добие возило за полесен пристап до тешко достапните места, најави стопанственикот Благој Механџиски, кој за подобрување на работењето на Брзата помош денеска обезбеди и топла облека за вработените.
– Целта на оваа донација е да помогнеме на службата подобро да биде опремена и со тоа да дадеме белег на нивното ажурно работење, бидејки секогаш се присутни во најтешките моменти на најнепристапните места во најболните моменти на луѓето од овој крај. Затоа, ние решивме со добра намера да ги „дотераме“ лекарите да бидат на ниво на нивната струка и самата услуга што ја даваат. Нема тоа да биде последна помош и донација бидејки обезбедивме и возило за да го убрзаме делувањето на лекарите во недопирливите планински места, рече Механџиски.
Директорката на ЈЗУ Здравствен Дом Берово, Весна Коловска се заблагодари за донацијата нагласувајќи дека лекарите ќе ја оправдаат нивната грижа и хуманост, давајќки се од себе во грижата кон пациентите.
– Итната медицинска помош и тоа како има потреба од овие топли јакни, дуксери, маици и пантолони и оваа помош бидејки ги мобилизира живото загрозените и ги транспортира до најблиските болници и работи на терени и во просториите на ЈЗУ Здравствен Дом -Берово. Со овој гест донаторот само ја потврди важноста и го препозна она што го работиме, рече Коловска.
Во моментот, Итната медицинска помош брои околу 13 вработени, кои со своите услуги опслужуваат терен од селото Митрашинци до Двориште, а за нив, како што истакна медицинската сестра Дафинка Андоновска, од голема важност е најавеното возило за достап до непристапните места.
– Возилата наши се при крај со нивната амортизација бидејки се има рок на траење. Дај боже и други луѓе од Малешевијата да помогнат, секој што е финансиски моќен, кој фатил негде во светот, нека помисли дека овде има негови блиски, без разлика дали се родители и пријатели, Oвде остана многу старо и болно население, луѓето бројчано се намалуваат, а ние имаме повеќе работа затоа благодариме и ако друг вака помогне, дали со возило, дали со друга помош, како во Итната помош, така и воопшто во Малешевијата, рече Андоновска.
Претходно, со помош на општествено-одговорната компанија беше опремен кабинет во Здравствениот дом во Берово, а во најава е и реновирање на една од собите каде престојуваат лекарите во Итната медицинска помош.