Под мотото „Писмото е нашиот универзум“, Владата на Македонија достоинствено го одбележа Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј

kovacevski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Достоинствено и со државни почести, под мотото „Писмото е нашиот универзум“, Владата на Република Северна Македонија, го одбележа државниот празник 24 Мај – Ден на сесловенските просветители светите браќа Кирил Методиј.

Во рамки на дводневното чествување на празникот, што се одржа во Охрид, колевката на словенската писменост, се одржаа настани, на кои учествуваше и говореше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. На настаните присуствуваа претставници од владиниот и државниот врв, од дипломатскиот кор, од областа на политиката, образованието, науката, културата, како и од други општествени сфери.


Чествувањето на празникот започна на 23 мај со концерт на гудачкиот ансамбл „Антео“, во црквата Света Софија во Охрид. На концертот присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорката на „Охридско лето”, Наташа Поповиќ, пратеници, професори, научници, лингвисти, книжевници.

На 24 мај, чествувањето продолжи со одржување на Панел дискусија со наслов „Македонскиот јазик во словенскиот свет”, каде воведно обраќање имаше премиерот Ковачевски. Премиерот во своето обраќање посочи дека светите Кирил и Методиј се значајни за писменоста на сите словенски народи, како создатели на првото словенско писмо – глаголицата, од која потекнува и македонската писменост.

„Тоа што нас нè собира секој 24 мај и поради што сме денес, овде – се почетоците на македонската писменост, поврзана со дејноста на Охридската книжевна школа, првиот словенски универзитет во тоа време, основан токму овде, во Охрид. Како одговорна Влада кон ова свое богато културно и историско минато и кон својот народ, донесовме тешки, државнички храбри одлуки, со кои најнапред ги осигуравме територијалните граници преку членството во НАТО, а потоа ги зацврстивме и заштитивме нашиот јазик и нашиот идентитет преку почетокот на преговорите со Европската Унија, минатата година. Македонскиот јазик го заштитивме, обезбедувајќи го неговиот континуитет. Вистината за признанието на македонскиот јазик, потоа во Обединетите нации – и во Европската Унија, дојде со Договорот за ФРОНТЕКС, првиот ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија, на македонски јазик, без какви и да било ѕвездички или фусноти во тој договор“, порача премиерот Ковачевски на панелот.

Во чест на одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, положија свежо цвеќе и оддадоа почит на споменикот на светите браќа Кирил и Методиј на градскиот плоштад во Охрид.

Централниот настан за свеченото одбележување на овој голем празник, се одржа на Плаошник, местото каде што е основан и дејствувал првиот словенски универзитет, Охридската книжевна школа, чијшто основач е еден од учениците на Светите Браќа Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски. Премиерот Ковачевски, во своето обраќање од Плаошник, порача дека мисијата е продолжена, по стапките на Кирил и Методиј, се изборивме за сопствената јазична и идентитетска еднаквост во Европа.

„Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилометодиевското и црковнословенското наследство, кое е суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на македонскиот народ. Одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, токму овде, во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа. Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри, од каде што се шири словенската писменост. Овој 24 Мај – Ден на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј и Ден на сесловенската писменост, го дочекуваме исправени и особено горди, затоа што македонскиот стандарден јазик, нашиот официјален јазик, е признат и е рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици во Европската Унија“, порача премиерот Ковачевски на централниот настан на Плаошник.

Во рамки на одбележувањето на празникот, од страна на научната заедница од областа на македонскиот јазик, беше донесена Декларација, која проф. д-р Бобан Карапејовски од Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет при УКИМ, ја прочита на централниот настан на Плаошник. Со Декларацијата, се потврдува многувековниот просторен и временски континуитет на македонскиот јазик и неговите дијалекти во групата на словенските јазици, опфаќајќи ја фактографски историјата, стандардизацијата, кодификацијата и иднината на македонскиот јазик. Воедно во Декларацијата дека македонскиот јазик не само што има рамноправен статус во европското и светското семејство на јазици, туку и неговиот пат кон иднината не можат да бидат попречени од никакви негирања, фусноти, ѕвездички, додавки и слично.

Покрај обраќањето на премиерот Ковачевски, на централниот настан на Плаошник, преку културно уметничка програма во изведба на познати македонски актери и изведба на хорот Свети Ахил преспански од Ресен, со многу симболика кон делото на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, се одбележа овој ден кој има огромно и суштинско значење нашата држава.

Албум со фотографии од одбележувањето на празникот 24 Мај
Свечено одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј

Видео од концертот по повод одбележување на 24 Мај
Видео од обраќањето на премиерот Ковачевски

Сектор за односи со јавноста
Генерален секретаријат

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK