Иницијатива и волја има за Филошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ да го носи името на познатиот македонски поет Ацо Шопов, кој е роден во Штип, истакнаа на денешната меѓународна конференција ректорот на УГД-Штип, Дејан Мираковски и деканката на Филлошкиот факултет Луси Караниколова-Чочоровска.
Ректорот Мираковски вели дека ваква иницијатива постои, но мора да се разгледаат правните аспекти, кои може да бидат пречка.
-Се дискутира се уште на таа тема и треба да се разгледаат правните аспекти, бидејќи ние сме интегриран Универзитет, на којшто сите единици се делови од Универзитетот „Гоце Делчев“. Лично јас немам никаква забелешка, доколку еден ваков истакнат поет биде патрон и неговото име е на Филилошкиот факултет, изјави Мираковски.
Деканката на Филолошкиот факултет, Караниколова-Чочоровска посочи дека нејзините заложби се овој факултет да го носи името на Ацо Шопов. Меѓународната научна конференција „Сто години од раѓањето на Ацо Шопов“ собра научници од сите страни на светот и од Универзитетите во земјава и на Балканот.
-Покриен е добар дел од севкупната творечка активност на Ацо Шопов почнувајќи од неговата поезија и неговите препеви. Интересно е тоа што многу се пишува за поезијата на Шопов конкретно на нашава конференција и тоа препеви на германски, турски, потоа Шопов препеан на руски, на англиски, француски. Простете ми ако некој од јазиците на којшто ќе третира препеаноста на поезијата на Шопов го пропуштив, вели Караниколова-Чочоровска.
Забележа дека македонска јавност знае за каква велични станува збор. Ацо Шопов и Славко Јаневски се едни од камен темелниците и претставници на првата генерација на поети во современата македонска литература.