Околу 10.000 од 50.000 регрутирани затвореници во руските затвори загинале во Украина, борејќи се на првата линија на фронтот во крвавата битка за Бахмут, кажа лидерот и основач на платеничката група „Вагнер“, Евгениј Пригожин.
-Избрав 50.000 затвореници, од кои 20 отсто загинаа, рече Пригожин во интервју објавено синоќа од блогерот близок до Кремљ, Константин Долгов.
Според него, украинските загуби се многу поголеми. Украинците имаат приближно 50.000 загинати и 70.000 ранети во Бахмут.
-Имам три пати помалку мртви и околу двојно помалку ранети, рече шефот на платениците од „Вагнер“. Се боревме против далеку поброен непријател, кој беше обучуван и поддржан од НАТО, и победивме.
Киев тврди дека за време на битката за Бахмут, вагнеровците извршувале речиси самоубиствени напади на украинската одбранбена линија, при што загинале голем број.
Пригожин на неколку пати го обвинуваше руското воено раководство дека не му ги снабдувало потребното оружје и муниција за да се спречат тешките загуби.
Групата Вагнер и руската армија од минатиот викенд тврдат дека целосно го зазеле Бахмут, што Киев го негира.
Пригожин изминативе два дена јасно кажа дека неговите сили ќе се повлечат од градот до 1 јуни и ќе ги препуштат позициите на редовната руска армија.