– Беспилотни летала ноќеска гаѓаа неколку цели во руската Белгородска област, изјави гувернерот на регионот Вјачеслав Гладков.
„Ноќта не беше мирна. Имаше многу напади со беспилотни летала. Повеќето од нив беа пресретнати од противвоздушната одбрани“, изјави Гладков на Телеграм.
Во нападите нема жртви, но оштетени се возила, куќи и јавни објекти, додаде рускиот претставник.
Москва претходно соопшти дека во понеделникот украинска диверзантска група извршила инвазија на територијата на Белгородската област, а вчера Министерството за одбрана соопшти дека групата е елиминирана.
Тоа се смета за најголем упад на руска територија од почетокот на инвазијата на Русија врз Украина од февруари минатата година.
Кремљ вчера го претстави нападот врз рускиот пограничен регион Белгород како доказ за потребата од продолжување на војната против Украина.