Албанскиот претседател Бајрам Бегај денеска за време на средбата со американските сенатори Крис Марфи и Гери Питерс во Тирана изјави дека нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, врз основа на взаемно признавање, позитивно ќе влијае на безбедноста и напредокот на Западен Балкан.
Бегај рече дека договорот меѓу Белград и Приштина од Охрид треба да стане правно обврзувачки и меѓународно признат договор.
Воедно оцени дека Конгресот на САД покажува зголемен интерес за настаните во регионот и додаде дека САД се главниот „стратешки партнер, пријател и сојузник“ за Албанија.
– Високо ги ценам одличните односи со Соединетите американски држави. За Албанија и Албанците, Соединетите држави остануваат главен стратешки партнер и нивен најголем пријател и сојузник, рекол Бегај, пренесуваат од неговиот кабинет.
Тој се фокусирал и на “новите предизвици со кои се соочува регионот на Западен Балкан”, како и на “зголемувањето на заканувачките активности од трети актери непријателски настроени кон евроатлантските случувања во регионот”.
Американските сенатори освен Албанија ќе посетат и други држави во регионот.