Во штипскиот Музеј денеска за првпат се изложија стари црковни книги кои во изминатите 50 години биле собирани во депото. Директорот на Заводот за заштита на споменици (ЗЗС) и Музеј на град-Штип, Митко Штерјов, вели книгите се стари и по неколку века, а во наредните десетина дена да може да ги видат граѓаните во Штип.
– Морам да истакнам дека овие книги во последните 50 години беа собирани од црквите од Источниот дел од Македонија, поголемиот дел од Општина Штип, и беа во депото на Завод и музеј Штип и ние успеавме оваа година да ги селектираме и да подготвиме дел од нив. Направивме една изложба, изложени се повеќе од 30 книги, повеќето датираат од 17, 18 и 19 век. Најстарата книга е од 1721 и 1724 година. Овие книги се во многу лоша состојба, но ние успеавме со мала интервенција да ги селектираме и изложиме, вели Штерјов.
Старословенска писменост се користела во манастирите и црквите, а за тоа потврда се изложените книги, додава Штерјов. Посочува дека има уште многу книги кои треба да бидат конзервирани, но недостасуваат луѓе кои би работеле на оваа тематика.
– Ние како установа, не само ние, цела Македонија се соочува со проблемот оти немаме конзерватори за книги и монети. Оваа конзервација со книгите е многу специфична, бара стручност, во Македонија има неколку луѓе кои работат на оваа проблематика. Треба да се работи на решавање на оваа проблематика, рече Штерјов.
Изложбата е по повод утрешниот празник посветен на светите браќа Кирил и Методиј, а е дел од проектот на штипскиот музеј со Министерството за култура.