Францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорну пред Националното собрание го бранеше барањето на Владата за 413 милијарди евра во следните седум години за развој на армијата, велејќи дека целта е „поправка“ на одбранбената алатка која е „оштетена“.
Отворајќи ја расправата за Предлог-законот за воениот буџет 2024-2030 година, тој го бранеше текстот кој „не предлага радикален прекин со нашиот историски модел“, туку предлага негово „приспособување“ во контекст на „посилна конкуренција меѓу големите сили, како последица на ширењето на нуклеарното оружје“.
Тој објасни дека текстот има за цел „да продолжи со поправка на одбранбената алатка која е оштетена во минатото како резултат на краткорочни политики“, особено во однос на модернизирање на нуклеарното одвраќање, подобрување на третманот на војниците, како и инвестирање во сајбер, вселенски и поморски области.
Расправата се очекува брзо да се насочи кон прашањето за уделот на Бруто домашниот производ (БДП) кој се издвојува за трошоците за одбрана, а кој Франција вети дека ќе го зголеми на два проценти, во согласност со тоа што го бара нејзиното членство во НАТО.
Лекорну истакна дека се очекува оваа цел да се постигне до 2027 година, односно на крајот на вториот петгодишен мандат на претседателот Емануел Макрон.
Проектот се соочува со критики од противниците, бидејќи најзначајното зголемување на буџетот за воени трошоци е оставено за периодот по завршувањето на вториот мандат на Макрон.
Лекорну нагласи дека зголемувањата на државниот буџет за француската армија почнале од првиот претседателски мандат.
Министерот посочи дека „воените трошења мора да останат одржливи за нашите јавни финансии“, додека опозицијата бара поголеми владини инвестиции на ова поле во актуелниот претседателски мандат.
Тој објасни дека се дефинирани дополнителни инвестиции „според потребите“ на армијата и „производствените капацитети на нашата индустрија“.
Сепак, опозицијата изрази загриженост поради доцнењето на испораката на голем број тешка oпрема, како што се оклопни возила „Скорпион“, борбени авиони „Рафал“, одбранбени и офанзивни фрегати.