Рускиот министер за внатрешни работи Владимир Колоколцев, кој е под западни санкции, ја посети Саудиска Арабија и разговараше со својот колега во кралството – неколку дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати на самитот на Арапската лига во пристанишниот град Џеда на Црвеното Море.
Посетата на Владимир Колоколцев е показател дека кралството и арапските земји од Персискиот Залив, традиционално безбедносни клиенти на САД, ги одржуваат своите односи со Москва среде војната во Украина, пишува Скај Њуз.
Државната саудиска прес-агенција соопшти дека Колоколцев се сретнал со саудискиот министер за внатрешни работи, принцот Абдулазиз бин Сауд.
„За време на средбата тие разговараа за начините за унапредување на патеките за безбедносна соработка меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји, покрај тоа што разговараа за голем број прашања од заеднички интерес“, се вели во извештајот, без дополнителни информации.