Мицкоски: Антимакедонски фронт  составен од спрегата ДУИ СДС, е качен на возот кој влегува во темниот тунел без излез, лошо ќе завршите зошто ќе ви се случи народ

mickoski_23434423
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Добра вечер за градот на Пецев, Белев, Јарамов, Топчев и Костуранов, град преполн со историја, традиција, град на работлив и стаменит народ.

 


Струмица на многу премрежја, предизвици и историски битки.

Струмица е македонски град од кој Ви велам дека доаѓа македонската пролет на промени, на нов почеток, на нашата борба за иднина која е заедничка, иднина во која силно веруваме и иднина која мора да ја промени тешката реалност со која живее секој еден човек.

 

Тоа време конечно доаѓа во Струмица која речиси 20 години е под јаремот на една иста шака луѓе која владее со градот.

20 години истите имиња и презимиња се вртат во круг, 20 години истите семејства кои ги одредуваат судбините на сите луѓе во овој град. Господари на туѓите животи преку кој народот живее се потешко и се полошо.

 

Главното прашање кое треба да си го одговори секој еден од вас, тука овде во Струмица, е дали е задоволен од тоа што го нуди  владата на демократската унија  за интеграција  и помалиот коалиционен партнер СДСМ како шанса за успех во животот?

Дали системот одговара на потребите на граѓаните? До кога ќе има живот за неколкумина кои ја одземаат среќата на сите останати?

Вашите лица, вашите лични страдања откриваат дека народот не е среќен и мора да има промени.

Струмица е презаситена од тоа се да почнува, и се да завршува од тие исти луѓе кои дваесет години владеат со овој град, тие неколкумина да одредуваат кој да работи, а кој не, кој да добива субвенции, а кој да не добива, кој да гради, а кој да биде протеран.

И така Струмица овие дваесет години поради овие господари со туѓите животи за жал ја има се помалку.

Ги пропушта сите добри работи што треба да се случат на еден град, ги заобиколува сите решенија кои може да доведат до подобар живот за сите. Струмица ја претворија во град заробен од неколкумина кој прават се да зависи се од нив, иако истите тие се зависни од народот, оној кого го уценуваат, ограбуваат и понижуваат.

Затоа треба да се знае дека и на овие господари на туѓите животи им доаѓа времето кога ќе се соочат со одговорност, со правдата која нема да ги одмине. Затоа што тие не се толку силни како што се прикажуваат, туку се послаби од тоа што изгледаат. И ќе бидат поразени од истиот овој народ и ќе бидат поразени на следните претседателски и парламентарни избори овде во Струмица!

Јас сум тука да ви кажам дека ќе има одговорност и нема да се смирам додека не победи правдата и не дојде правдата до секој еден човек.

Ќе добиете промени, но ќе добиете и правда. Правда за сите обесправени, а закон и казна за оние кои крадат и се неправедни.

 

И таа каста на власт тука во Струмица си има бизнис империја, свое бизнис лоби, но и  си има влада во Скопје, со која сега за сега официјално раководи Димитар Ковачевски. Овој човек драги пријатели, еден соработник ми вели дека е домазет во својата влада. Човекот не одлучува за ништо освен за своите бизниси веројатно одлучува само тогаш кога ќе треба како премиер да си продаде државно земјиште по едно евро, кога треба да потпише ново предавство, кога треба да направи некоја отстапка на штета на Македонија, а за се останато се става во улога на подизведувач на главната корпорација во владата, а тоа Али Ахмети и  ДУИ.

А ДУИ е партијата која вистински владее со институциите и која е криминализирана структура која го јаде јадрото во Македонија. Погледнете ги институциите.

Замислете има такви кои не разликуваат метерологија како наука за толкување на сите временски појави и процеси и метрологија како  наука за мерењето и употребата на законските мерни единици. Слични термини, но со дијаметрално спротивно значење.

А токму тој што не го разликува едното со другото го поставија за директор на бирото за метрологија, за прв човек на институцијата која јавно си кажува дека не знае што работи. И тоа говори колку е низок  кадровскиот потенцијал. А што да очекуваме од Влада каде ДУИ е главен фактор. Тоа е многу важно сите овде во Струмица да расчистиме една работа, а тоа е дека ДУИ благодарение на помалиот коалиционен партнер  во случајот СДСМ е политичката партија која нема интерес Македонија да се развива, која нема интерес Али Ахмети да ја види Македонија вистински европска држава со силно здравство, со високо образование, квалитетно и еден универзитет во првите 500  листа на Шангајската листа , со силна економија каде што ќе има  инвестиции домашни и странски. Не сака да ја види Македонија каде што ќе владее правото, каде што правдината ќе го има клучниот збор, а не корупцијата и криминалот како сега. Тој истиот човек  Али Ахмети поддржан од СДСМ, помалиот коалиционен партнер има за цел да ја види Македонија клекната на колена, ограбена, осиромашена затоа што така ќе биде полесен плен. И затоа денеска во институциите имате вработени кои што се демотивирани, нема работна дисциплина има луѓе кои што буквално не почитуваат вертикална хиерархија затоа што гледаат дека тие кои ги раководат тие институции имаат само за цел само да ги опљачкаат и уништат тие институции. Затоа драги пријатели, браќа и сестри, Струмичани и луѓе кои што денеска сте овде на оваа трибина не можам а да не ве потсетам дека доаѓа денот кога сите ние заедно треба да отсвириме крај на нај криминалната банка која што некогаш раководела со Македонија, а потоа и одговорност. На следните избори сите вие ќе имате можност гласно да зборувате.

 

А СДС подизведувач во криминалите на ДУИ, а таа нечепната и силно криминализирана структура која е непроменета цели 20 години е таму главен изведувач и колку тие се побагати, Албанците за  чии заштитници се самопрогласуваат се се посиромашни.

Секогаш кога ова ќе го соопштам на јавна сцена, и секогаш кога ќе им биде потребно да дефокусираат од некаков криминал одма од ДУИ ќе отидат на омилената тема за бегство од тендерите кои ги договараат во 4 очи, а тоа е дека сме биле против Албанците. И многу прецизно велам дека ние немаме ништо против никого, но да имаме против оние кои народот го испокрадоа и му го одземаат достоинството. Не сме против Албанците, туку против ДУИ од кои страдаат и Македонците и Албанците и сите граѓани во Македонија.

Проблемот е и во тоа што овие 32 години независност преку една исклучително неразумна политика Македонците постојано се откажуваат од нешто притоа недобивајќи ништо. Педа по педа, чекор по чекор Македонците се доведени до точка на целосно себе-одрекување, на системски откажувања до точка на себе понижувања во име на иднината која никако да дојде . Се смени Устав, име, знаме, се донесе Рамковен договор….Македонците драматично губат од својот супстрат, а притоа недобивајќи ништо.

Нема никаква мудрост во СДС да седнеме да се договориме за судбоносните прашања за државата, за Македонија. Тие кога седнуваат на маса нудат што да продадат од националните и државни интереси за сметка да останат некој ден повеќе на власт и да ги крадат институциите.

 

 

Мојата понуда за нов општествен консезус кој го понудив пред одреден период не беше препознаен од СДС, не затоа што не ја разбраа понудата туку затоа што не сакаа да се откажат од крадењето. Многу поинаку ќе беше ВМРО и СДС во налетот на овие силни турбуленции кога идентитетски не докусуруваат да се согласеа  за клучните прашања за Македонија, па колку и да сме различни по сите други преостанати прашања. Проблемот во ова општество е поларизацијата која произлегува од различните интереси на партиите.

ВМРО секогаш било посветено на Македонија, а СДС, да бидам конкретен, не целото СДС, туку мал круг на луѓе што сега го водат СДСМ немаат никаков интерес да има консезус за клучните прашања на Македонците.

 

И многу често се наметнува еден јавен дискурс дека задолжително мора да се коалицира со ДУИ како најголема партија кај Албанците иако никаде не пишува, ниту во Уставот или било кои закони дека мора да се коалицира. Но ова се користи затоа што нема мудрост во СДС и затоа што крадењето и е поважно од напредокот на македонскиот народ и сите граѓани. Нема мудрост во СДСМ да се договориме за македонските интереси кои секој ден се повеќе и повеќе се разјадуваат.

 

И затоа браќа и сестри дојде време да кажеме дека следуваат промени. Дека ќе бидат поразени жестоко на следните избори и не само што СДС ќе оди во опозиција, туку време и ДУИ да оди во опозиција. А потоа се знае, одговорност за секој еден криминал.

 

Драги пријатели, браќа и сестри,

 

Стигна пресуда од судот во Стразбур за 27 април каде јасно се вели дека биле прегазени човековите права и притворот бил злоупотребен. Оваа пресуда е шамар за власта на СДС ДУИ која ја водеше најбруталната политичка хајка против опозицијата, а целта е јасна, не дека, луѓе кои и сега се по затворите се терористи, туку затоа што од власта правеа притисоци за да им поминат уставните измени. Неколку години потоа судијката која, и го водеше случајот стана синоним за она што денес преставува и се вика кацарска судството, распаднат судски систем кој е корумпирана алатка во рацете на власта, како и СЈО камшик во рацете на СДС и ДУИ кои се распадна поради неговата криминализираност.

Стотици, би рекол илјадници семејства страдаа, а десетици своите најблиски ги испраќаа по затворите не затоа што се бараше правда, туку затоа што се водеше хајка. Не велам дека луѓето од 27 април не употребиле сила, но ако за тоа лежат 200 години затвор, тогаш овие од власта треба да лежат 2000 години. Не може тие луѓе 200 години затвор, а Рашкоски на слобода, Рашковски на слобода, Ден Дончев со туце пари на летен одмор во Австралија, а ниту еден, ниту еден криминален случај решен. Ќе дојде ден кога сите овие ќе се соочат со правдата. А тие што ги водат овие хајки треба да знаат дека одговорност ќе има, за судиите, за обвинителите, за политичките субјекти кои нарачуваа брутални сценарија и ја газеа правдата и вистината.

 

Драги пријатели,
Пред една недела предупредив дека не се само уставните измени за исполнување на бугарскиот диктат на кој работи власта, туку и дека работат на изработка на уставни измени со кој ќе ја редефинираат Македонија и ќе задрат во нејзиниот карактер. Притоа, повторувам и напоменувам, притоа една од идеите за која предупредувам е дека работат е создавање на бинационална држава на два народи, неколку заедници кои денес се споменуваат во Уставот и постоење на малцинства. По евентуална ваква измена ќе остане уште да се исцрта граница и да се заврши со постоењето на Македонија. За ваквиот план немаше никаков демант од Владата. Но  упатен сум ова се идеите кои се разработувале во Владата и од страна на партиските експерти кои ги пишуваат уставните измени.

 

Редефинирањето на Преамбулата на Уставот би бил еден вид национално предавство на оваа Влада која би ја фрлила државата на колена. Предупредувам, Ковачевски да не си игра играчки со уставните измени со кој ќе ја редифинира Македонија во бинационална држава, да престане да исполнува концесии кон ДУИ, затоа што плаќа прескапа цена за власта која ја има.

А што се однесува до уставните измени за внес, дел, на мал дел од бугарскиот народ јасно е дека Ковачевски нема, немал и нема да има мнозинство во парламентот, ниту тие ќе поминат. Ова што го говорам е јасно од фактот што и самиот вели дека нема да си поднесе оставка доколку тие измени не поминат во парламентот што е своевидно признание дека упорно со месеци ја лажеше јавноста дека има било какво мнозинство.

 

 

Она за што жалам е што државата губи време и што власта не ја прифати понудата за предвремени избори. Овој месец веќе ќе разговаравме за нова влада и ќе имаше нов импулс за реформи напредок во сите области. За жал Ковачевси не го ни прифати хрватскиот модел кој воедно во прво време и самиот го споменуваше. Таа понуда е се уште отворена, а тоа ќе значи дефинирање на Македонија како држава на Македонците останатите малацинства кои живеат во нејзе. И тоа е устав на земја членка на ЕУ и една од најперспективните во регионот.

 

Но, очигледно Ковачевски соочен со нискиот рејтинг и катастрофата која не може да ја поправи реши да биде патриот на батерии барем на 5 минути, па откако ги прифати сите бугарски барања да бидат дел од преговарачката рамка за ЕУ, што подразбира и промена на Устав, реши да облече квази патриотска наметка и да му одговори на Радев дека Бугарија го следела духот на Русија. Е сега има тука една контрадикторност. Ковачевски треба да се договори со самиот Ковачевски дали кога има потреба од патриотизам на батерии и му реплицира на Радев, Бугарија го следи духот на Русија, или пак кога не убедува дома дека уставните измени се толку прекрасни и неодминлив услов за чекор до рајот Европската Унија. Зошто ќе се согласите не може едното и другото.

 

А што се однесува до оние повици од СДС да сме се качеле се на возот кон ЕУ, цело ВМРО-ДПМНЕ или еден дел, ќе му одговорам цело ВМРО не само дел, туку цело ВМРО-ДПМНЕ веќе е на возот кон ЕУ, а возот во кој се Ковачевски и ДУИ веќе е влезен во темниот тунел кој еднонасочно удира во карпа. ВМРО-ДПМНЕ, повторувам цело ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да биде дел од анти-македонскиот фронт кој го предводи не цело СДСМ, туку една тесна клика на СДСМ и ДУИ. Антимакедонски фронт  составен од спрегата ДУИ – СДС е качен на возот кој влегува во темниот тунел без излез.

 

Овој пат нема да го излажете народот. И лошо ќе завршите зошто ќе ви се случи народ.

 

Не ми паѓа на памет да прифатам било каква уцена или притисок кој го имам, а го имаме многу и го држиме веќе година дена и ќе го држиме колку што е потребно по било која цена, ќе одиме до крај до конечна победа и нема попуштање.

 

Нема никаква, ниту тероетска шанса да прифатиме уставни измени под вакви услови за Македонија. Не ги маскирајте вашите криминали со боите на ЕУ.

 

Анти-македонскиот фронт ќе биде поразен.  Овој фронт нема право да збори за ЕУ, бидејќи во исто време кога се колнат во ЕУ, туркаат закони во Собрание кои се основа за криминал во градбата на коридорите 8 и 10Д.

 

 

И во тој поглед, ВМРО-ДПМНЕ како партија во чиј супстрат е борбата за правда и слобода е должна да ги штити државните и национални интереси на граѓаните на Македонија.

 

А национален интерес на граѓаните е да знае народот каде се трошат неговите пари.

 

Интерес на Македонија и граѓаните е да се почитуваат одлуките на Уставниот суд и интересите на македонските работници особено во делот на работните часови и работната недела.

 

Интерес на државата е да не плаќа 5 пати повеќе за километар автопат во споредба со оној кој Македонија претходно го градеше заедно со ЕУ на делницата Демир Капија-Смоквица.

 

Интерес на Македонија и сите граѓани е коридорот 8 и 10Д да ги градат македонски компании и парите да останат во државата.

 

Интерес на Македонија е да не се платат над 300 милиони евра за пенали и аванси на уште нефрлена лопата за автопатиштата.

 

Интерес на Македонија е да се почитува нејзиниот континентален правен систем и истиот да не се суспендира со друг, како што сега е предвидено со договорот за градба на дел од коридорите 8 и 10Д.

 

Интерес на државата е да не плаќа за грешките на изведувачот кој сами ги прави при проектирање на автопатиштата.

 

Интерес на Македонија е при градбата на автопатиштата да има квалитетен надзор и супервизија, а не тоа да го прави компанија за производство на долна облека.

 

Што од ова што го набројав не е вистина, што не е точно.

 

ВМРО-ДПМНЕ не е против овие проекти, туку сме против крадењето и злоупотребите при градба на патиштата, што има голема разлика од тоа што го збори Владата на ДУИ и СДСМ.

 

Драги пријатели,

 

Пред мене овдека на сцената пред вас беа навистина прекрасни луѓе кои имаа што да кажат во делот на здравството. Да ги лоцираат проблемите, а истовремено врз основа на тоа што го лоцираме и да понудиме решенија и да кажеме дел од работите што ќе бидат содржани во програмата на ВМРО-ДПМНЕ. Јас можам само да ги поздравам и да им честитам и уште еднашка да се сложам со сето она што го зборуваа и Игор Гила, тука беше и Синиша, Маџунков, Петар, Јадранка и Ирена, но и Ристе што буквално денеска не можеше да дојде, но и сите оние кои се дел од централната здравствена комисија на ВМРО-ДПМНЕ и комисиите на ВМРО-ДПМНЕ по општинските комитети. Јас навистина им благодарам и застанувам позади нив и она кое што тоа го кажаа тие е навистина вистинска иднина каде треба македонското здравство да се движи.

 

Но за да тоа се случи мора да дојдат промени, а промените мора да почнат од секој еден човек и тие веќе почнаа со убедливата победа што ја имавме на локалните избори заедно со народот ВМРО-ДПМНЕ испиша историја на локалните избори во 2021-та година. За прв пат во овие повеќе од 3 децении самостојна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ заедно со народот победи од позиција на опозиција на локални избори и освои мнозинство општини. Има мнозинство советници во советите низ цела Македонија.

 

Јас стојам овде пред вас и ви велам дека и на средните парламентарни избори и на следните претседателски избори ќе победи коалицијата што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ и претседателскиот кандидат што ќе го предложи ВМРО-ДПМНЕ.

 

Разликата ќе биде голема, но мора таа разлика да биде најголема. Колку таа разлика ќе биде голема толку нашите реформи ќе бидат силни, структурни и суштински затоа за таа разлика да биде што е можно поголема секаде го повторувам тоа каде и да одам низ нашата прекрасна Македонија, ќе го кажам и овде на плоштадот во Струмица.

 

Потребни се три работи да знаете. Првата работа, на следните избори мора да излеземе масовно, мора да се мобилизираме. Јас знам, сигурен сум дека некој има некаков гнев, револт во себе од нас политичарите. Имало некакви ветувања кои можеби не биле исполнети, некакви би рекол работи кои не биле испорачани. Мене ми е тоа јасно и свесен сум за тоа, но морам да напоменам една работа која не треба да ја погрешиме овој пат, а тоа е дека не се сите политичари исти, различни сме и тоа го покажавме овие повеќе од година и половина, овие повеќе од 18 месеци. Не постои ниту едно основано сомневање за корупција на ниту еден локален функционер или градоначалник кој доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ или е поддржан од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Додека за Владата на дневна основа имате по 3,4 па и 5 коруптивни скандали. Покажавме дека можело поинаку, дека можело храбро да се работи затоа оправдувањето сите се исти или секако ВМРО победува, до мене ли зависи, мојот ли глас е важен, овој пат нема да биде целосно зошто? Затоа што победата нема да биде целосна. Нас ни треба максимална победа, ни требаат 61 за да нема уцени за да може ВМРО-ДПМНЕ да ја врати Македонија онаму каде и е местото, да победува, да се развива, со силно здравство, образование, странски инвестиции и нови добро платени работни места. Затоа ни е потребно ова добро прво да го знаете.

Втора работа што сакам да ја знаете и што сакам да ја потенцирам. На следните избори ќе имате три опции. Првата е ВМРО-ДПМНЕ и коалиција која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, втората опција е коалицијата на ДУИ и помалиот коалиционен партнер СДСМ и третата внимавајте добро, третата ќе бидат политичари кои на бранот на лажниот популизам и платениот патриотизам ќе играат на картата да го поделат македонскиот гласач за да го ослабат потенцијалот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тие директно одработуваат за Али Ахмети и ДУИ. Затоа мора масовно да излеземе, масовно да излеземе и да се обединиме околу главниот столб а тоа е ВМРО-ДПМНЕ, единствениот браник за македонските национални интереси. Браникот на Македонија, македонскиот народ и граѓаните во Македонија.

 

Третата работа што сакам да ја кажам. Потребна ни е мобилизација и отворање кон сите, секој оној кој сака оваа Влада на ДУИ и помалиот коалиционен партнер СДСМ да замине е добредојден. Секој кој сака на Македонија да и се раздени од оваа темнина, од овој мрак во кој ја втурна оваа криминална банда на ДУИ и СДСМ е добредојден. Дојдете придружете ни се Македонци, Турци, Албанци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми сите сте добредојдени кој сакате да видите вистински европска просперитетна богата Македонија. Децата дома да си ги вратиме, тука да не ги гледаме нашите мајки како плачат кога децата заминуваат од нашата Македонија, тука да дојдат.

 

Затоа многу е важно да не го ситниме отпорот и единствениот браник за одбрана на националните и државни интереси а тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Затоа гласајте и поддржете не и заедно да ја создаваме иднината на следните избори. , да ги зацврстиме темелите на Македонија. Бидете силни и одлучни во вашиот избор кој никогаш не бил полесен а разликата повидлива.

 

Македонија не е розовата слика во владините гласила и зборови, Македонија не се состои во владиниот раскош платен со државни пари, ниту во некој спот финансиран со парите на напатениот народ.

Ова е Македонија, ова е Македонија за сите!

Ова е Македонија на надеж, сон, копнеж и иднина.

Заедничка радост и среќа.

Македонија на заеднички победи, реформи. Македонија на големи чекори напред и големи промени. Македонија која дава сигурност, дава перспективна за секого. Македонија во која одлучувате вие. Македонија која ја победува апатијата, која ја менува грдата реалност. Која дава рака на секој еден кого системот го оттурнал и го ставил на страна.

Ова е Македонија, ова е Струмица за сите! Со истата енергија каква овој народ и земја ги имале при сите големи победи, при сите свои илиндени, славни епопеи и победи.

Шанса не само за една, туку за сите генерации заедно оставени на страна овие 30 години.

Нашата борба е вредности, идеал и кауза.

Нашата борба е да ја обновиме Македонија.

Промените да победат, за заедничка иднина!

Ова е незапирливата сила на народот.

Ова е Македонија! Македонија за сите!

 

После овој караван продолжуваме летово, доаѓа есен а потоа избори и глас и победа за Македонија. Да живее Струмица, вечни струмичани и вечна нашата Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK