– Треба да се направи посебна процедура за проекти кои имаат стратешко значење и стратешки интерес за државата, смета министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и вели дека не може да се израмнат проектите во делот на канализации и водоводи со автопати и гасоводи.
-Не можеме да ги израмниме проектите кои што се во делот на општинската инфраструктура како канализации и водоводи со линиска инфраструктура како автопати и гасоводи, посебно во енергетска криза. Затоа и се кратат роковите на она што го имаме во постојното решение, рече Бочварски во емисијата „Топ тема“ на Телма.
Нагласи дека измените и дополнувањата на Закон за урбанистичко планирање и на Закон за градење кои се предложени од Министерството за транспорт и врски и Владата се во собраниска процедура и се носат токму за нова процедура за изградба на патишта, железнички пруги и гасоводи.
-Ако некој сметал дека годините на власт требал да ги потроши за изградба на споменици, стиропор и бронза во центарот на градот, ние сметаме дека треба да се градат патишта, железнички пруги, гасоводи, инфраструктура за целосно подобрување на комплетната инфраструктурна слика во државата, посочи Бочварски.
Клучното прашање што треба да го отвориме пред јавноста и граѓаните, додаде, е дали оваа држава е подготвена да ги креира законските можности, да овозможи брза реализација и изградбата на патиштата од проектот со „Бехтел и Енка“ да ги направиме за пет години или за повеќе од шест, седум, осум години.
-Второто прашање е дали за време на енергетска криза, пакет во кој влегуваат и гасоводите, треба да направиме полесна процедура за изградба на гасоводите. Тоа се државни, национални, стратешки проекти. Имаше предлог на овие законски измени во Собранието, но беа блокирани од пратениците, на дел не се свикуваа комисиските расправи, прецизира Бочварски.
Според него, доколку ваквите законски измени биле донесени во минатотот веќе ќе бил готов експресниот пат од Градско до Прилеп.
-Зборуваме 20 години за изградбата на тој експресен пат кој и денеска се гради, но со потешкотии, затоа што таму имавме изведувачи кои беа на терен, кои ја напуштија трасата и влегоа во постапки на арбитражи. Денеска имаме нови изведувачи и патот се уште не е готов. Токму поради тоа сакаме да направиме подобар модел на реализација на патните коридори. Целта е да работиме со основни проекти кои се проектираат и работат во реално време, во фази. Токму тоа е целта на измените на законите – проектантот да може да испроектира една делница од еден автопат и од наредниот ден, практично да влезе изведувачот во работа за да може да имаме ефикасност на терен“, рече Бочварски.
Посочи дека проектите кои се изработени во минатото, пред 10 или 15 години, покажуваат многу слабости кога се работат на терен.
-Не ја отсликуваат реалната состојба од таа што е испроектирана на хартија до онаа што е на терен, затоа што се случиле многу промени. Затоа тој модел се покажал дека не е добар. Пример за тоа е и експресниот пат до Прилеп, истакна Бочварски.