УНИЦЕФ и Фондацијата „Телеком за Македонија“ заедно со младите креираат онлајн кампања за побезбеден интернет простор

unicef
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) и Фондацијата „Телеком за Македонија“ организираат серија работилници со деца и млади за заедничко креирање комуникациска кампања против врсничкото онлајн насилство и говорот на омраза на интернет.

Од УНИЦЕФ информираат дека за време на работилниците кои започнаа викендов, 30 деца и млади учествуваа во групни креативни сесии за конципирање кампања и развој на пораки. За време на работилницата, младите научија повеќе за врсничкото онлајн насилство, како да го препознаат и спречат, ги дефинираа целите за промена на однесувањето и работеа на наратив.


Од таму посочуваат дека преку заедничко креирање со психолози, креативни експерти и експерти за комуникација, тие ги дефинираа целните групи и подготвија план и концепт за кампањата, која ќе започне во јуни. Кампањата ќе се одржува под мотото „Заедно за интернет без омраза“, која е дел од долгорочното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата „Телеком за Македонија“, чија цел е да ги вклучи децата и младите во борбата против некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација. Од УНИЦЕФ најавуваат дека работилниците ќе продолжат и следниот викенд кога учесниците ќе се фокусираат на креирање видеа и други комуникациски материјали.

Неодамнешна национална  анкета на U-Report  покажажува дека во изминатата година, 24 отсто од младите испитаници почувствувале закана на интернет, секој трет испитаник бил жртва на врсничко онлајн насилство. кое главно се случува на социјалните мрежи (71 отсто) и на четовите (12 отсто).

Од УНИЦЕФ потенцираат дека како генерација која поминува многу време на интернет, младите се под најголема закана од говор на омраза и врсничко онлајн насилство. Станува збор за феномен на современото општество што предизвикува сѐ поголема загриженост и проблеми за младите, но и за нивните родители, старатели и воспитувачи.

На отворањето на работилниците претставничка на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани потенцирала дека адолесценцијата е најдобриот период за стимулирање на креативното размислување.

– Ова е, исто така, најдобрата возраст за да научите како да решавате проблеми и да се грижите за другите. Затоа сум среќна што гледам како младите луѓе се ангажираат и ќе се борат против еден од најголемите предизвици што тие самите го идентификуваа – врсничкото онлајн насилство  и говорот на омраза, рече  ДиЏовани.

Директорката на Фондацијата „Телеком за Македонија“, Леа Липша изјави дека младите денес имаат навистина тешка задача, освен во реалниот, да се борат против омразата и во онлајн светот.

– Наша задача е да ги поттикнеме, охрабриме да им дадеме глас да градат интернет без омраза, рече Липша на отворањето на работилниците.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK