Осветена првата македонска православна црква во Хрватска „Св. Злата Мегленска“

stefan_plenkovic_w3454354
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Првата македонска православна црква во Хрватска, „Св. Злата Мегленска“ е осветена вчера во Загреб, а на свеченоста по осветувањето, премиерот Андреј Пленковиќ во име на Владата, го прими највисокото одликување на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, како знак за благодарност и искрено пријателство, пренесоа хрватски медиуми.

Највисокото одликување на МПЦ-ОА, Орденот на Свети Климент Охридски, е доделено и на Хрватската бискупска конференција (ХБК) поради искажаното гостопримство и братска поддршка и помош, а го прими пратеникот на претседателот на ХБК, генералниот секретар, монсињор Крунослав Новак.


Одликувањата им ги врачи поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, а со него, на свеченоста во Загреб беа и митрополитот Европски Пимен и митрополитот Тетовско-гостиварски, Јосиф.

Делегацијата на македонската држава ја предводеше амбасадорот на Северна Македонија, Милаим Фетаи, кој и се заблагодари на хрватската држава за помошта во изградбата на црквата.

Хрватскиот премиер Пленковиќ, го изрази своето задоволство што беше присутен на, како што кажа, „големата свеченост, од вистински историски карактер за македонското малцинство во Хрватска“.

-Навистина сум лично почестен, но пред се ова го гледам како почит кон целата влада и многубројните луѓе кои сесрдно, со разбирање, почит, отвореност и искрена желба ги поддржаа Македонците во Хрватска, како и сите национални малцинства, затоа што тоа е добро за нашите општества, за културата на инклузивност и особено за положбата на Хрватите во сите соседни земји, рече Пленковиќ.

Првата Македонска православна црква во Хрватска е регистрирана во 1993, а во 1995 Загрепската надбискупија и отстапи времено користење на црквата Св. Рока во Загреб, додека изградбата на црквата „Св. Злата Мегленска“, посветена на великомаченицата од 18 век, започна пред девет години.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK