Парламентарни избори во Грција: Граѓаните очекуваат стабилна Влада, но сметаат дека ќе бидат потребни втори избори (Фото)

grcija_izbori_3453534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Стабилна Влада, мирен изборен процес и поголема излезност од пред четири години, очекуваат Грците со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, но сепак не се оптимисти дека по денешните избори земјата ќе добие Влада.

Нешто помалку од десет милиони Грци денеска гласаат на парламентарните избори, кои пет часа по отворањето на гласачките места се одвиваат мирно и без никакви проблеми.


Дописничката на МИА од Атина, рано утрово го посети гласачкото место каде што правото на глас го оствари грчкиот премиер и претседател на Нова демократија Кирјакос Мицотакис, кој порача дека „утре ќе биде подобар ден за земјата“, додека пак граѓаните кои гласаа велат дека економијата, стабилноста, секојдневието, се главните критериуми што ги земале в предвид.

-Очекувам ситуацијата да се подобри во секој поглед, кусо вели повозрасен Грк.

Со сличен став е и неговата сопруга, која коментира дека очекува „светло на крајот на тунелот“, како и „стабилност и мирен живот за сите“.

-Проблемите се познати, се соочуваме со агресивна Турција, треба да се решат економските проблеми. Очекувам Влада што има решенија за овие прашања, коментира повозрасен Грк.

Некои од грѓаните отворено говорат за партијата која ја поддржуваат, конкретно Нова демократија и истакнуваат дека заслужува втор мандат.

-Лично верувам и сакам Нова демократија да победи, бидејќи мислам дека е единствената партија што најдобро ги претставува Грците. Во изминатите 20 години не паметам некој друг  премиер вистински да се бори за доброто на граѓаните, а не за лична корист, истакнува за МИА Грк веднаш откако го оствари неговото право на глас.

Од друга страна се и оние кои бараат промена.

-Очекувам конечно нешто добро за земјата, нешто подобро. Промена. Грција да го пронајде својот правилен пат, вели повозрасна госпоѓа.

-Само со прогресивна Влада земјата може да оди напред, коментира помлад Грк.

Со оглед на тоа што што изборите се спроведуваат по пропорционалниот модел, кој не предвидува бонус пратеници за победникот, голема е веројатноста Грција да оди на втори избори на почетокот на јули, нешто што го коментираат и граѓаните.

Не се оптимисти дека од денешните избори ќе произлезе Влада, независно од нивната желба.

-Би сакала уште денеска да има Влада и се надевам, но е многу тешко, вели млада Гркинка.

Правото на глас претпладнево, освен Мицотакис го остварија и претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, како и лидерите на опозициските партии.

Гласањето на актуелниот премиер предизвика голем интерес како кај грчките, така и кај странските медиуми. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK