Георгиев: Судскиот совет ќе работи транспарентно и законито!

georgiev
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Судскиот совет е сложен систем на организација, во која мнозинството членови го сочинуваат судии, но има и претставници од редот на истакнати правници предложени од  Собранието и од Претседателот на државата. Потребна е голема посветеност  и лидерство за да се надминат проблемите и да не се дозволи натамошно нарушување на меѓучовечките односи. Се нафатив да бидам претседател во едно сензитивно време, кое не е само предизвик, туку и храброст. Избран сум на 4 мај и од тогаш наваму ја преземам одговорноста за законитоста во функционирањето на Судскиот совет.

Ова е пораката што ја испрати новиот претседател на Судскиот совет на РСМ, Сашко Георгиев во синоќешното интервју за „Трилинг“ во кое отворено зборуваше за последните случувања во ова тело, транспарентноста, писмото на американската амбасадорка, дали има привилегирани судии и надворешни влијанија. Тој истакна дека  патот за неговиот избор се отворил и со одлуката  на Уставниот суд, кој во март оваа година ја укинал дискриминаторската одредба во Законот, која предвидуваше претседателот и заменикот на Судскиот совет да можат да се изберат само од редот на истакнатите правници.


Во своето  прво  интервју за медиумите побара да се вклучат и инспекциските служби за да се испита законитоста во постапувањето на Советот во изминатиот период и за да се отстранат сите евентуални сомнежи. Георгиев јавно се заложи  и за  поголема транспарентност на ова тело и отвореност на седниците за камерите , а како прв чекор ја најави новата седница што е закажана веќе в понеделник.

На прашањето дали Советот  е претворен во експозитура на партиски, политички и бизнис интереси, Георгиев категорично одговори дека „нити имал, ниту дозволил влијанија, ниту пак, имал понуда за влијанија“.

Претседателот на Судскиот совет испрати и јасна порака до судиите и членовите на ова тело,  доколку некој се обиде да врши влијание врз нив веднаш да го пријават тоа и се обврза дека ќе преземе соодветни мерки пред надлежните институции, а за тоа навремено ќе биде известена и јавноста.

Што се однесува на тврдењата на двете поранешни претседателки за одредени притисоци и влијанија, кои останаа да висат во воздух, тој вети дека во најскоро време ќе ги повика на разговор. „Како судија и претседател на Советот ќе најдам начин  да ги заштитам ако имале влијанија. Но, треба да соработуваат“, рече Георгиев.

Во однос на  оставката на заменик- претседателот, подвлече дека таа е депонирана, но била со одложена примена, за да се заврши целата процедура по неговиот избор. „Очекувам во наредните денови дека на дневен ред ќе се најде и изборот на заменик-претседател на Судскиот совет“, додаде Георгиев.

Новиот претседател посебно се осврна и на  одговорноста на судиите и рече дека постапките се од доверлив карактер, но уште на првата седница со која раководел на 9 мај, се формирани комисии, кои ќе работам на проверка на наводите за сензитивни предмети.

Во однос на тоа зошто нема одговорност за членовите на Советот, Георгиев одговори дека  како судија тој одговара пред себе, а посебно пред колегите што го избрале, а со последните измени на Законот за судски совет е  предвидена и процедура.

„И самиот сум бил критичар на состојбите во Советот и одговорноста  на секој поединец  во Советот е да се грижи за своето однесување. Јас сум судија и за 1,5 година  треба да се вратам онаму од каде што ме избраа колегите, затоа што ме чека уште 15 години работа“, додаде тој.

Георгиев одговори и за писмото на американската амбасадорка Агилер и рече дека е свесен за опадната доверба во судството и одамна се детектирани проблемите, но потенцираше дека  нема дилеми дека притворските и сензитивните предмети  треба да имаат приоритет и не смеат да се одолговлекуваат. Тој уште еднаш нагласи дека  во тек се постапки  и побара трпение за да се завршат.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK