– Убеденост дека Нова демократија ќе биде победник на парламентарните избори, изразија грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, но и поддржувачите на владејачката партија за време на синоќешниот централен предизборен митинг одржан под Акропол, јави дописничката на МИА од Атина.
На последниот ден од предизборната кампања во Грција, Мицотакис говореше во населба Тисио во поширокиот дел на центарот на Атина, со Акропол во позадина, на истата локација каде што и пред четири години одржа предизборен митинг.
-Повторно се среќаваме на истото место, четири години по триумфот во 2019 година и неколку часа пред новата голема победа на Нова демократија, рече Мицотакис истакнувајќи дека цела Грција и цела Атина е сина, односни во боите на партијата, но и дека собирот, како што рече „многу поголем од оној пред четири години“.
Грчкиот премиер беше пречекан и поздравен со овации и аплаузи. Со развиорени грчки и партиски знамиња кои на присутните им се делеа пред почетокот на собирот.
Поддржувачите на Нова демократија со кои поразговара дописничката на МИА од Атина, на утрешните избори очекуваат сигурна победа.
-Не постои сомнеж дека ќе победиме и тоа со голема предност во однос на СИРИЗА. Нова демократија ќе формира еднопартиска Влада и ова е сигурно. На земјата и треба стабилност, а само Кирјакос Мицотакис може да го понуди и да го гарантира тоа, вели за МИА повозрасна Гркинка, силен поддржувач на партијата.
Додека симпатизерите се во исчекување на говорот на Мицотакис, коментираат дека економијата и справувањето со инфлацијата се најважните проблеми за нив, но и дека решението е Влада на Нова демократија.
-Очекувам Нова демократија да победи со околу 36 отсто од гласовите, а СИРИЗА да не добие повеќе од 30 проценти. Втори избори секако дека ќе има, а тогаш ќе формираме еднопартиска Влада, објаснува млада Гркинка, поддржувач на Нова демократија.
Сигурен дека неговата партија ќе добие втор мандат од граѓаните е и грчкиот премиер.
-Во недела вечер Нова демократија ќе биде првата Влада што по подолго време ќе постигне втора последователна голема изборна победа, порача Мицотакис.
Во говорот се осврна на проблемите со кои неговата Влада се соочи во изминатите четири години, споменувајќи ги „упадот на мигранти кај Еврос, пандемијата, руската инвазија на Украина, меѓународното покачување на цените, провокациите од Турција“.
Истакна дека „денес е ден за славење“ и нема детално да ја опише програмата на партијата, но се задржа на четири точки.
-Задржите ги четирите големи цели што ги поставуваме за следните четири години: подобри плати за сите, достоинствено здравство, нов национален здравствен систем, ефикасна држава со евалуации и секако, горда и силна татковина, потенцираше Мицотакис.
Говорот го заврши со пораката дека почнуваат од Акропол, од симболот на Атина кон победа и формирање еднопартиска Влада на Нова демократија.
На централниот митинг во Атина, присутни беа поранешниот премиер Андонис Самарас, министри од Владата, како и актуелните пратеници и кандидатите за пратеници од партијата.
Според сите истражувања на јавното мислење во Грција, објавени во предизборниот период, Нова демократија е во водство пред СИРИЗА, а ПАСОК- Движење на промена е стабилна на третата позиција.
Нова демократија победи на предвремените парламентарни избори во јули 2019 година и формираше еднопартиска Влада, нешто кон кое се стреми и сега актуелниот премиер Кирјакос Мицотакис.
Сепак, поради пропорционалниот изборен модел што ќе се спроведе на утрешните избори и со оглед на тоа што се укинува бонусот од 50 пратенички места за партијата победник, веројатно е дека земјата ќе оди и на втори избори, на почетокот на јули.