Лидерите на најбогатите индустриски земји Г7 уште еднаш ја повикаа Русија целосно да ги повлече своите трупи од Украина.
– Русија ја почна оваа војна и може да ја заврши оваа војна, се вели во соопштението што денеска го усвоија шефовите на држави и влади на самитот во Хирошима, Јапонија.
– Ние подвлекуваме дека праведен мир не може да се оствари без целосно и безусловно повлекување на руските трупи и воена опрема и тоа мора да биде вклучено во секој повик за мир, се додава во документот.
Во соопштението, објавено од местото каде што беше фрлена првата атомска бомба употребена во војна во 1945 година, Русија се предупредува дека дури и заканата од употреба на нуклеарно оружје е неприфатлива.
Лидерите на земјите од Г7, исто така, ветија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, вклучително и воено.
Како што пренесе ДПА, во соопштението, сепак, не се изнесени конкретни детали за поддршката за Украина, како што се неодамнешните повторени барања на земјата за напредни западни борбени авиони.