Изложбата „Убавите жени“ на тетовскиот сликар Славчо Максимовски патува во Загреб

izlozba
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Изложбата „Убавите жени на мојот народ“ на академскиот сликар Славчо Максимовски од Тетово на 29-ти мај ќе биде поставена во Загреб, во културно-општествениот центар на македонската православна црква „Света Злата Мегленска“ (сала „Тоше Проески“), со почеток во 19 часот.

Со поддршка на Македонско – хрватското друштво од Тетово, концептот за „Убавите жени“ инспириран од песната на Блаже Конески, кој содржи 29 фотографии на македонски жени, ќе биде претставен и пред хрватската јавност.


Станува збор за комбинација на класична фотографија, цртеж во комбинирана техника и дигитална обработка односно фото манипулација. Димензиите на сите фотографии се 50/70см. Изборот на жени неслучајно е направен  и е составен од жени од различни професии и различна возраст. Минатата година оваа изложба беше претставена во септември и октомври пред публиката во Тетово и Скопје.

-Замислата е да се даде почит кон жените и да се претстават жени кои преку психологијата на нивните ликови ќе  ја појаснат убавината, односно суштината на жените кои живеат тука, успешни, без бариери и предрасуди. Жените мора да се столб на едно општество. Притоа, не се мисли само на физичката убавина туку на поривот за истрајност, борбеност, мистика, страст, херојство, непокорност на патот кон успехот, и секако жената како центар на светот, изјави авторот Максимовски.

Академискито сликар е роден 1988 година. Има дипломирано и магистрирано на Факултетот за ликовна уменост во Скопје. Досега има изложувано во Тетово, Скопје, Гостивар, Куманово, Велес, Битола, како и надвор од државата – во Италија, Србија, Финска и Мексико.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK