Членови на собраниската Комисија за европски прашања учествуваа на Конференцијата на КОСАК во Стокхолм

evropska komisija mk
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во рамки на шведското претседателство со Европската Унија, делегација од Комисијата за европски прашања од Собранието на Република  Македонија во состав Арбер Адеми, шеф на делегацијата и претседател на Комисијата и членовите Миле Лефков, Фаница Николоска и Абдула Салиу, вчера и денеска учествуваа на Конференцијата на претседателите на парламентарните комисии за европски прашања на земјите членки на ЕУ (КОСАК), што се одржува во Стокхолм, Кралството Шведска.

Како што информираат од собраниската прес-служба, конференцијата била отворена со поздравни обраќања на спикерот на Риксдагот Андреас Норлен, Ханс Валмарк, претседател на Комисијата за ЕУ прашања на Риксдагот и Матилда Ернкранс, заменик-претседател на Комисијата за ЕУ прашања на Риксдагот, кои осврнувајќи се на шведските приоритети, безбедноста, компетитивноста, транзицијата кон зелена енергија и владеење на правото, нагласија дека сепак централна точка на ова претседателство е економската и воената поддршка на Украина. Притоа, истакнале дека руската агресија ја загрозува безбедноста на Европа и има сериозни последици врз европската економија.


Во врска со проширувањето, претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, пред високиот форум на претставници од сите национални парламенти на Европската Унија го потенцирал значењето на продолжувањето на процесот на придружување на земјите кандидати за членство во ЕУ, како важен процес за земјите од Западен Балкан, кој е неопходен за стабилност и мир во регионот. Притоа, тој истакнал дека придружувањето кон ЕУ е силен мотив и двигател на европските реформи во сите области во регионот.

Во своето обраќање Адеми потенцираше дека Шведска претседава со Советот на Европската Унија во исклучително тешки и турбулентни времиња. Во однос на руската агресија на Украина, Адеми истакна дека Македонија ја поддржува Европската Унија во секој поглед и дека ѝ дава политичка, економска, воена и хуманитарна поддршка на Украина.

Осврнувајќи се на тековниот скрининг процес кој Владата го води во Брисел, Адеми информираше дека Европската комисија позитивно го оцени нивото на подготвеност на нашата администрација и одличниот старт на скрининг процесот. Потсети дека Македонија е предводник во регионот и пошироко, во културата на дијалог и компромис и дека како држава, општество и граѓани сме определени и подготвени по завршувањето на скринингот да ги започнеме преговорите во првиот кластер, во кој се и најважните поглавја 23 и 24, кои се однесуваат на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

За промената на нашиот Устав, со цел внесување на бугарската заедница во Уставот, Адеми рече дека земјата е свесна за важноста за усвојување на уставните измени и дека нашата енергија за европскиот пат во моментов е насочена кон реализација на оваа наша задача. Истакна дека очекува и опозицијата да ги поддржи уставните измени, со цел да се искористи актуелниот моментум во ЕУ за процесот за проширување.

Во сесијата посветена на одбележување на 30 години од единствениот европски пазар било истакнато дека единствениот пазар е најголемата област без граници за економска соработка во светот. Во последните три децении, единствениот пазар промовираше здрава конкуренција и создаде силни економии и индустрии низ целиот континент.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK