1532.- Шпанскиот освојувач Франциско Писаро со мала група војници пристигнал на северниот брег во Перу. Една година подоцна ја освоил земјата и брутално ја задушил буната на Инките на самиот почеток.
1703.- Умрел францускиот писател Шарл Перо, автор на збирката бајки „Вилински приказни“, во која се познатите бајки „Мачорот во чизми“, „Црвенкапа“ и „Заспаната убавица“.
1703.- На брегот на Балтичкото Море поставени биле темелите на рускиот град Санкт Петербург.
1812.- Во Букурешт почнале преговорите со кои завршила шестгодишната Руско-турска војна. Турција го признала поразот и на Русија и направи големи отстапки.
1873.- Роден е францускиот писател Анри Барбис, предводник на работничката солидарност. Дела: „Оган“, „Пеколот“, „Светлост“.
1881.- Првиот трамвај во светот со погон на електрична енергија почнал редовно да сообраќа во близината на Берлин.
1898.- Родена е српската писателка Десанка Максимовиќ, член на Српската академија на науките и уметностите. Дела: збирка песни „Песни“, „Зелениот витез“, „Поетот и родниот крај“, „Татковино, тука сум“, „Мирисот на земјата“, „Барам помилување“, „Немам повеќе време“, „Песни од Норвешка“, „Ничија земја“, „Отворен прозорец“.
1905.- Роден е американскиот филмски и театарски актер Хенри Фонда. Филмови: „На златно езеро“, „Фармерот се жени“, „Џеси Џејмс“, „Младиот Линколн“, „Плодови на гневот“, „Моја драга Клементина“, „Бегалец“, „Мистер Робертс“, „Војна и мир“, „Погрешен човек“, „Само еднаш се живее“, „12 гневни луѓе“, „Бура над Вашингтон“, „Најдолгиот ден“, „Рој“, „Убиецот на коњ“.
1929.- Во Холивуд биле доделени првите награди на американската филмска академија (од 1931 година наречени Оскар). Првите награди им се доделени на филмот „Крилја“ и на актерите Џенет Гејнор и Емил Џенингс.
1941.- Собранието на Исланд го исполнило договорот со Данска и прогласило независност која била потврдена на 24 мај 1944 година, по што Исланд подоцна бил прогласен за република. Исланд од 1918 бил во персонална унија со Данска (под иста круна), а претходно бил данска колонија.
1947.- Умрел англискиот биохемичар Фредерик Гауленд Хопкинс, еден од основачите на науката за витамини, кој со холандскиот лекар Кристијан Ајкман во 1929 година ја поделил Нобеловата награда за медицина.
1954.- Роден е Зоран Анчевски, поет, есеист и преведувач. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Доктор е по филолошки науки. Работи како професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Член на Македонскиот ПЕН центар и на ДПМ. Поетски книги: „Патување низ скршени слики“, „Стратегија на поразот“, „Линија на отпорот“, „Превод на мртвите“, „Див мир“. Има значаен придонес во
преведувањето на бројни дела од класичната, модерната и современата англиската литература.
1967.- Советскиот вселенски брод „Венера 5“ се спуштил на Венера и почнал да испраќа податоци за оваа планета.
1974.- Социјалдемократот Хелмут Шмит станал канцелар на Западна Германија по оставката на Вили Брант.
1975.- Јапонката Јунко Табеи станала првата жена која се искачила на највисокиот светски врв Монт Еверест.
1984.- Умрел американскиот писател Ирвин Шо, чија проза се одликува со
силна драматичност, општествена свест и жив дијалог. Дела: „Богат и сиромав“, „Мешано друштво“, „Љубов во темна улица“, „Добредојдовте во град“, „Љубезни луѓе“, „Синови и војници“, „Убиец“, „Во друштво со делфини“.
1991.- Социјалистот Едит Кресон е првата жена во историјата на Франција која стапи на должноста претседател на влада.
1991.- Британската кралица Елизабета Втора е првиот монарх кој зборувал во Конгресот на САД.
1997.- Умрел италијанскиот филмски режисер Џузепе Де Сантис, еден од најзначајните претставници на филмскиот неореализам создаден во Италија во првите години по завршувањето на Втората светска војна. Филмови: „Рим во 11 часот“, „Патот долг една година“.
2003.- Исламски терористи самоубијци, употребувајќи автомобили-бомби и појаси со експлозија, активирале најмалку пет силни детонации во најголемиот марокански град Казабланка усмртувајќи 55 луѓе, вклучувајќи и 12 бомбаши.
2005.- Кувајтскиот парламент го усвоил амандманот на изборниот закон со кој за првпат во историјата на земјата на жените им било дадено правото на глас и правото да бидат избирани.
2006.- Умрел австрискиот публицист Гинтер Ненинг, еден од најангажираните новинари и политичари во Виена. Бил еден од основачите на австриската партија на Зелените, посебно активен како борец за заштита на природата.
2006.- Најмалку 115 луѓе загинале во бранот насилства кој го започнале припадниците на една криминална група во бразилската држава Сао Паоло. Гангстерите вооружени со автоматски пушки и гранати организирале повеќе од 150 напади ширум државата, а нивната главна мета биле полициските станици.