Дваесет и трето издание на Недела на италијанскиот филм во Кинотека

italijanski-film
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дваесет и третото издание на Недела на италијанскиот филм, посветено на темата „Бајки“, почнува денеска, а ќе трае до 21 мај. Фестивалот, организиран од Амбасадата на Италија во соработка со италијанскиот Институт за култура во Белград и Кинотеката на Република Северна Македонија, ќе биде отворен со проекцијата на филмот „Пинокио“ (2019) на режисерот Матео Гароне. Филмот е адаптација на познатиот роман „Авантурите на Пинокио – Приказна за една дрвена кукла“ на Карло Колоди.

Во вторник од 20.00 часот ќе биде прикажан „Среќниот Лазар“ (2018) на Аличе Рорвахер, добитничка на наградата во Кан за најдобро сценарио, која ја раскажува приказната за еден свет отцепен од реалноста, во кој главниот лик минува низ серија перипетии, меѓу кои и смртта и воскресението.


Во среда, 17 мај, во 20.00 часот, пак, на програмата е филмот „Мрачни приказни“ (2020) во режија на браќата Диноченцо и награден на Берлинскиот фестивал во 2020 година за најдобро сценарио. Дејството се одвива во периферијата на Рим и ги раскажува искуствата на повеќе деца кои ги следат и, за жал, апсорбираат аномалиите на светот на возрасните.

Филмскиот фестивал ќе продолжи во четврток, 18 мај, во 20.00 часот со „Фамозниот напад на мечките во Сицилија“ (2019), филмска анимирана адаптација на романот на Дино Буцати од 1945 година, илустриран од познатиот уметник и автор на стрипови Лоренцо Матоти, кој претставува извонредно вкрстување помеѓу популарниот и авторски стрип, меѓу бајка и поезија, невиност и свест.

Во петок, 19 мај, во 20.00 часот ќе биде прикажана култната италијанска комедија „Ни преостанува да плачеме“. Во режија и главни улоги ќе бидат Масимо Троизи и Роберто Бенињи.

В сабота, 20 мај, во 20.00 часот ќе се прикажува „Љубов и џган“ (2017), комедија и мјузикл, во режија на браќата Манети, чие дејство се одвива во Неапол, а в недела, 21 мај, во 20.00 часот фестивалот ќе се затвори со филмот „Freaks Out“ (2021), последно остварување на режисерот Габриеле Маинети.

Истата вечер амбасадорот на Италија Андреа Силвестри ќе додели награди на победниците на натпреварот за превод на содржини поврзани со Италија на веб-страницата на Википедија на македонски јазик (Во фокусот: Италија), организиран во соработка со здружението ГЛАМ и Катедрата за италијански јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Сите филмови ќе бидат прикажани со превод на македонски јазик, а влезот на проекциите ќе биде бесплатен.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK