– Во тетовска Вратница вчера се одржа промоција на книгата „Вратничка крваа свадба“ од Стево Томоски и Душан Синадиноски. Станува збор за историска драма во која е опфатен еден од најтрагичните настани во историјата на селото, стрелањето на 13 младинци од страна на бугарската окупаторска војска во октомври 1943 година.
Еден од убиените, Симче Настоски, настрадал во петок, а во недела требало да прави свадба. Во неделата, Менча, мајката на Симче од тага побарала од сите што дошле на погребот да дојдат во свечени носии, како за свадба. Сакала да се овековечи моментот, па повикала и фотограф од Тетово, што за тоа време било многу тешко изводливо, но сепак стигнал и ја направил фотографијата од погребот.
Промоторот на книгата Бранислав Светозаревиќ посочи дека ова прозно дело нуди нова перспектива на историски настани во кое се опфатени и ги следи начинот на живот во тоа време, обичаите, менталитетот, говорот и друго.
-Како историчар, специјалност ми е историјата на културата на живеењето. Романите се најнепосредни историски раскажувачи, она што не може да се најде во документите и некакви службени извештаи. Кога го читав романот, како да бев тука, во тоа време со тие луѓе, посочи Бранислав Светозаревиќ.
Авторот Стево Томоски посочи дека мотивот бил да се опише тешката судбина на вратничани во тој период.
-Темните облаци над Вратница ме натераа да оставиме трага за се она што сме дознале за вратничката историја. Со Душко се надеваме дека тие црни облаци ќе заминат и за Вратница ќе дојде време ќе се шири, ќе биде уште поголема и поубава. Од кога постои Вратница ја доживува и македонската судбина. И Вратница како Македонија е пиреј, колку ќе ја скубеш, повеќе ќе се шири, истакна авторот Стево Томоски.
Уредникот на книгата Живе Ќироски потсети дека книгата претставува и начин на одбележување на 80-годишната од трагичниот настан што се случил во октомври 1943 година. Промоцијата се одржа во основното училиште кое го носи името на Симче Настоски.
Стево Томоски и Душан Синадиноски соработуваат на создавање на заеднички дела подолго време. Во 2019 година тие ја објавија „Вратничка енциклопедија“ целосно напишана на дијалектот на кој се зборува во ова тетовско село при општина Јегуновце. Книгата изобилува со многу документи и фотографии поврзани со историјата на македонскиот народ во овој регион.