Во периодот од 1 до 20 април Уставен суд оформи 11 нови предмети по претходно поднесени иницијативи од граѓаните. Како што се наведува во соопштението на Уставен суд, сите овие предмети се предадени на работа кај тимови од советници и судии и се во почетна фаза од работењето, односно во претходна постапка. Уставниот суд допрва ќе ги испитува наводите во иницијативите и барањата и ќе оформи реферати кои ќе содржат предлози за гласање на седница.
Следува соопштението на Уставен суд во интегрална форма:
1. У.бр. 47/2023
Оспорен: Член 26 став 2 во делот „во рок од 30 дена” од Законот за управни спорови
Подносител: Александра Илиева Милчова, адвокатка
Од наводите во иницијативата:
Подносителката на иницијативата наведува дека оспорената одредба која содржи право на судска заштита во управен спор создава правна несигурност бидејќи рокот од 30 дена за поднесување на тужба е преклузивен за граѓанинот да бара судска заштита, а не за администрацијата, па така доколку истече тој рок од 30 дена а се уште не е донесен актот граѓанинот повеќе не може да го бара своето право со тужба.
2. У.бр.48/2023
Оспорен: Член 69 став 4 во вториот збор „не” од Законот за управни спорови.
Подносител: Александра Илиева Милчова, адвокатка
Од наводите во иницијативата:
Подносителката наведува дека оспорената додавка „не” траба да се отстрани затоа што согласно членот 15 став 1 од Законот гарантира право на жалба против одлуки донесени од прв степен во суд и се гарантира двостепеност.
Правото на жалба кое е предвидено во оспорената одредба создава правна несигурност и се зачестени тужбите од страна на јавниот правобранител кој бара поништување на решенија донесени од првостепени и второстепени комисии кои се независни од својата работа.
3. У.бр.49/2023
Оспорен: Член 28 од Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање
Подносител: Бојан Трпевски
Содржина на регистарските таблици:
„Регистарските таблици кои ја содржат буквената ознака „МК”, а се издадени од денот на отпочнувањето со примена на овој правилник може да се употребуваат најдоцна до 12 февруари 2024 година.”
Од наводите во иницијативата:
Се наведува дека оспорениот член не е во согласност со Законот за возила и Законот за организација и работа на органите на државната управа бидејќи во Законот се уредени случаите кога се издаваат регистарски таблици, а таму не е наведена ситуација како што е во оспорената одредба од Правилникот. Подносителот наведува дека министерот за внатрешни работи нема овластување да носи ваков Правилник за прашање кое треба да се уреди со закон и дополнително оспорениот член има повратно дејство, што е во спротивност со членот 52 став 4 од Уставот.
4. Реферат У.бр.50/2023
Оспорена одредба: Член 2 од Законот за даночна постапка
Подносител: Славко Лазовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби пропишуваат паралелна постапка за присилна наплата на даночните долгови и со тоа се овозможува постоење на две различни постапки на присилна наплата на даночните долгови, една за даноците на централно ниво и друга за локалните даноци што создава правна несигурност и е спротивно на начелото на владеење на правото.
5. Реферат У.бр.51/2023
Оспорена одредба: Член 1 став 2, член 4 став 2, член 27 став 2, член 29 став 1. Член 34 став 3 и член 36 од Статутот на Сојуз на здруженијата на пензионери на Македонија и нивната несогласност со одредбите на Законот за здруженија и фондации
Подносител: Славко Лазовски
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека овластената организација за одредување на висината на придонесот за Солидарниот фонд и членарината, воведена во правниот поредок со членот 115 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, не е ниту може да биде орган на Сојуз на здруженијата на пензионери на Македонија. Меѓу наведеното пишува и дека во членот 36 од Статутот нема одредба дека Годишниот финансиски извештај треба да се објавува на својата веб страница или на друг соодветен начин да го направат достапен до јавноста. Подносителот смета дека нашиот правен систем не предвидува дека со статут може да се исклучи, намали или поништи некое право или обврска заштитено со закон.
6. У.бр.52/2023
Оспорен: Член 276 став 2 од Колективниот договор на МВР
Подносител: Синдикат на полиција во Македонија
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека оспорените одредби се во спротивност со членот 37 од Уставот кој го штити правото на граѓаните да основаат синдикати заради остварување на своите економски, социјални права. Се наведува дека оспорениот член го доведува Синдикатот во нееднаква и дискриминирачка положба и дека не може подеднакво и рамноправно да ги застапува правата на неговите членови, за разлика од Македонскиот полициски синдикат чиишто членови се ослободуваат на работа и до 40 часови годишно.
7. У.бр. 53/2023
Предлог за решавање на судир на надлежности: Помеѓу Општина Куманово и Министерството за труд и социјална политика
Подносител: Општина Куманово
Од наводите во иницијативата:
Предлагачот укажува дека Министерството за труд и социјална политика незаконски ги одземало надлженостите на градоначалникот на Општина Куманово во врска со донесување на одлука управниот одбор да објави јавен оглас за избор на директор на Јавната општинска установа-Детска градинка „Ангел Шајче”.
8. У.бр.54/2023
Оспорен: Член 99 став 3 од Законот за внатрешни работи
Подносител: Николчо Атанасовски, адвокат од Делчево
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека со оспорената одредба неосновано без предвидени конкретни случаи на штетни дејствија на работникот е определено да ги надомести трошоците направени за неговата обука, зголемени за три пати. Се наведува дека со одредбата се овозможува паушално обесштетување на штета на работникот.
9. У.бр.55/2023
Оспорен: член 28 став 1 точка 2 подточка 2.1 од Законот за акцизи
Подносители: Стојаноски Дејан и Србиноски Филип
Oд наводите во иницијативата:
Подносителите наведуваат дека во правниот промет постојат две одредби кои регулираат иста работа, односно дека има две правни правила за увоз на иста стока и тоа одредба која се користи и е номинирана во Законот за акцизи и правно правило кое се користи и е номинирано во царинската тарифа усоогласена со номенклатурата на хармонизираниот систем на Светската царинска организација и комбинираната номенклатура на Европската заедница кои се применуваат непосредно.
10. У.бр.56/2023
Оспорен: Одлука за субвенционирање на јавен линиски превцоз на патници од Буџетот на Општина Старо Нагоричане за 2023 година за линија Куманово- с. Дејловце (бр.08-9/121 од 30.03.2023 година) објавена во „Службен гласник на Општина Старо Нагоричане” бр. 6/2023 од 03.04.2023.
Подносител: Бобан Цветановски, заменик-градоначалник на општина Старо Нагоричане
Од наводите во иницијативата:
Подносителот ја оспорува одлуката донесена од страна на Советот на Општина Старо Нагоричане која се однесува на доделување на 50 000 денар месечно, во период од 6 месеци за субвенција на јавен линиски превоз и наведува дека Советот фаворизирал еден приватен субјект без да даде можност за еднаква распределба на средствата од буџетот на Општина Старо Нагоричане на сите заинтересирани субјекти од истата област. Се наведува дека одлуката е незаконска бидејќи нема соодветни услови за распределба на средствата и затоа не се потпишал како заменик градоначалник на општината.
11. У.бр.57/2023
Оспорен: Одлука за пренамена на средства во Буџетот на Општина Старо Нагоричане за 2023 година донесена од страна на Советот на Општина Старо Нагоричане (бр.08-9/120 од 30.04.2023 година).
Подносител на иницијативата: Бобан Цветановски, заменик-градоначалник на Општина Старо Нагоричане
Од наводите во иницијативата:
Подносителот наведува дека општината донела одлука со која се врши пренамена на финансиски средства за 300 000 денари за потреба на „субвенција за јавен линиски превоз на патници” и според него одлуката е донесена незаконски, без да се почитува процедурата за изработка на актот за пренамена на средствата. Се наведува дека таква одлука треба да биде донесена согласно предвидени и расположливи финансиски средства, а во случајот е направено спротивно на член 50 од Законот за локална самоуправа, како и во спротивност со Законот за буџет и Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.