Во Берово е реализирана еколошката акција Генералка викенд која ја организира Мен Енд Маунтен во партнерство со Општина Берово, Пивара Скопје, Пакомак, Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство. Во рамки на акцијата во Берово се чистеше на неколку локации со учество на повеќе установи и институции од градот.
-Со оваа акција уште еднаш покажуваме дека се грижиме за животната средина и придонесуваме таа да биде чиста и средена. Благодарност до вработените во Општина Берово, комуналното претпријатие „Услуга“ Берово, деветолетките „Дедо Иљо Малешевски“ и „Никола Петров Русински“, гимназијата „Ацо Русковски“, Детската градинка „23 Август“, Домот за стари лица „Др. Иван Влашки“, „Национални шуми“, Дом на културата „Димитар Беровски“ и до сите кои се вклучија и придонесоа за намалување на отпадот, истакнаа од општината.
По завршувањето на акцијата на плоштадот „Димитар Беровски“ се одржа забавно едукативниот настан „Сончева тепсија“.
-Беа пренесени многу еколошки пораки низ забава, ревија и рецитал од страна на децата од детската градинка „23 Август“ од Берово, учениците од ООУ „Дедо Иљо Малешевски“ , ООУ „Никола Петров Русински“ и ОСУ „Ацо Русковски“ и КУД „Димитар Беровски“, додадоа од Општина Берово.
Акцијата за чистење Генералка викенд 2023, како што подвлекоа е една од активностите кои се спроведуваат за да се даде придонес во подигнување на јавната свест, за потребата од собирање и рециклирање на отпадот со цел позитивно влијаење за зачувување на животната средина.