Белорускиот шампион Шахтјор Солигорск е прогласен виновен за местење натпревари и одземена му е титулата која ја освои минатата сезона, објави Фудбалската федерација на Белорусија (АБФФ).
Шахтјор, исто така, е казнет со одземање 30 бодови во оваа сезона и 20 бодови за следната сезона, а ќе мора да плати и глоба во износ од 135.000 евра, соопшти во четвртокот БФФ.
Со истрагата е утврдено дека функционери на Шахтјор организирале местење резултати на фудбалските натпревари и нуделе незаконски финансиски добивки на други екипи во белоруското првенство.
Други две прволигашки екипи, Енергетик – БГУ Минск, кој минатата сезона беше вицешампион, и Белшина, исто така, се казнети со одземање бодови поради вмешаност во местење натпревари.
Покрај клубовите, казнети се и голем број фудбалери, судии и клупски претставници, кои ќе мораат да платат парични казни, а изречени им се и суспензии во траење од шест месеци до пет години.
Местото на Шахтјор во квалификациите за Лигата на шампиони за следната сезона ќе го заземе Бате Борисов.