Во организација на Клубот за планинарски спортови „Москито“ од Кочани беше промовирана книгата „Планинарско-скијачко друштво Пониква – Кочани“, од авторите Киро Герасимов и Љубинка Ајтовска.
Монографскиот труд што го почна новинарот и публицист Герасимов, а го дооформи Ајтовска, пред читателската публика беше претставен во пресрет на годишнината од неговата смрт.
-Мојот придонес во делото се интервјуата со планинари од некогашното Планинарско-скијачко друштво „Пониква“, меѓу кои се и неговите основачи, потоа кочанците кои во 1981 година се искачија на „покривот“ на Алпите: Симеон Тодоров-Моцо, Димитар Цеков и Никола Христов-Мице. Во книгата се објавени и написи за планинарката и стреличарка Дивна Крушарева, првата Македонка што ја виде Европа од Мон Блан, за Осоговскиот велеслалом и други настани поврзани со друштвото. Делото чува историја за планинарството во Кочани и културата за здрав начин на живеење, што и денес се пренесува на младите преку двете планинарски друштва „Москито“ и „Осогово“ и преку Извидничкиот одред „Ластовица“, истакна Ајтовска.
Делото е посветено на почетоците и развојот на планинарството и скијањето во Кочани од пред повеќе од шест децении. Составено е од четири целини што говорат за природно-географските карактеристики на Осоговските Планини, патеките и трансверзалите низ Осоговијата, туристичките потенцијали, како и сеќавања на планинари, членови на ПСД „Пониква“.
-Луѓето што се дел од почетокот и развојот на планинарството во Кочани имаат среќна околност што стапиле во контакт со вистинските автори кои сакаат и со нивното вешто перо знаат да ги пренесат настаните на хартија и да остават аманет за идните генерации, затоа што книгата е највредниот материјален доказ за нечие постоење. Ако не беше оваа книга, приказните само усно ќе се раскажуваа и пренесуваа, а еден ден никој немаше да се сеќава на нив, истакна професорот Сашко Стефановски, промотор на монографијата.
На промоцијата на монографијата за поранешното планинарско друштво од Кочани беше нагласено дека во него членувале голем број вљубеници во планинарењето и скијањето, а дел од постарите кои присуствуаа на претставувањето на книгата искажаа сеќавања за настаните од пред повеќе децении.