Откриена најтрајната вселенска експлозија некогаш забележана

vselenska-eksplozija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Астрономите ја открија најголемата и најтрајна вселенска експлозија некогаш видена, односно 10 пати посилна од која било позната супернова и трипати посветла од досега познатите плимни нарушувања. Позната како „AT2021lwx“, експлозијата досега трае повеќе од три години, во споредба со повеќето супернови коишто видливо светат само неколку месеци.

– Случајно наидовме на ова бидејќи беше означено од нашиот алгоритам за пребарување кога баравме еден вид супернова. Повеќето супернови и плимни нарушувања траат само неколку месеци пред да исчезнат. Веднаш увидовме дека се работи за нешто многу необично штом светлоста трае повеќе од две години, појасни д-р Филип Вајсман, научен соработник на Универзитетот во Саутемптон, Велика Британија, и предводник на истражувањето.


Според наводите на написот на „Индипендент“ (Independent), експлозијата се случила на растојание од речиси осум милијарди светлосни години. Повеќето супернови (експлозивната смрт на ѕвездите) и тн. плимни нарушувања (кога ѕвезда влегува во сферата на огромното влијание на црна дупка и нејзината тн. плимна сила), траат само неколку месеци пред да избледат.

Научниците, предводени од англискиот Универзитет веруваат дека експлозијата се случила кога огромен облак од гас, веројатно илјадници пати поголем од нашето Сонце, бил силно привлечен од супермасивна црна дупка. Делови од облакот се проголтани, создавајќи така ударни бранови низ неговите остатоци, како и во големиот „прстен“ од прав и остатоци околу црната дупка.

Истражувачите наведуваат дека ваквите настани се многу ретки и дека никогаш не биле сведоци на нешто од вакви размери. Патем, лани астрономите беа сведоци на најсветлата експлозија (на гама-зраци) досега – позната како „ГРБ-221009А“. Иако таа новооткриена експлозија беше посветла од „AT2021lwx“, таа била покуса во траење, што значи – вкупната енергија ослободена од подолготрајнава експлозија е многу поголема. „AT2021lwx“ првпат е откриена во 2020 година од страна на „Цвики центарот“ во Калифорнија, САД, а потоа снимена и од „Ласт алерт систем“ (АТЛАС) со седиште на Хаваи.

Размерите на експлозијата досега не беа познати. Наодите се објавени во списанието „Месечното списание“ на британското Кралско астрономско друштво.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK