– Францускиот претседател Емануел Макрон денеска најави дека владата ќе понуди даночни олеснувања за инвестициите во животната средина и додаде дека финансиските стимулации за купување електрични автомобили ќе бидат условени од фактот дека автомобилите мора да се произведуваат во Европа.
Даночните олеснувања, кои ќе бидат вклучени во буџетот за следната година, се очекува да генерираат приходи од 20 милијарди евра до 2030 година и да доведат до отворање на десетици илјади нови работни места.
Купувачите на електрични автомобили во Франција можат да сметаат на државна помош од 5.000 евра, а новиот закон ќе ја условува таа помош со тоа што производителите на автомобили треба да исполнат строги стандарди кога станува збор за ниски емисии на јаглерод.
Владата на Макрон сака да започне со инвестиции во зелени технологии за да може Франција да се натпреварува со американските компании зајакнати со законот за дефлација на Бајден од 430 милијарди долари, кој вклучува големи даночни субвенции за намалување на емисиите на јаглерод и зајакнување на домашното производство.
Макрон најави дека следниот вторник ќе биде претставен предлог-закон за зелена индустрија.
„Оваа финансиска рамка треба да ни помогне да се натпреваруваме со американскиот закон за намалување на инфлацијата“, рече францускиот претседател.
Тој додаде дека Франција ќе ја поддржи индустријата за електрични автомобили во Европа и нема да ги користи парите на даночните обврзници за поттикнување на неевропските индустрии.