Се зголемуваат платите на здравствените работници, потпишан анексот кон колективниот договор

мз
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Се зголемуваат платите на здравствените работници, министерот за здравство Фатмир Меџити и претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита Љубиша Каранфиловски, денеска го потпишаа анексот за изменување и дополнување на колективниот договор во јавните здравствени установи.

– Станува збор за зголемување на платите предвидено, почнувајќи со исплатата на месец мај 2023 година. Покачувањето од 3.000 денари, 2.500 и 2.000 денари се однесува на сите вработени во јавните здравствени установи. Воедно, директорите на јавните здравствени установи се овластени да ги потпишат поединечните колективни договори. Ова е само едно од ветувањата кое го реализиравме во насока на стимулација и мотивација на здравствените работници и со тоа и унапредување на здравствениот систем, појасни министерот, изразувајќи задоволство од потпишувањето на документот.


Задоволство изрази и Каранфиловски.

–  Како што кажа министерот за здравство, нема поголемо задоволство кога ќе дојдете да реализирате одредено потпишување, конкретно на анексот на колективниот договор за здравствена дејност, со кој веќе имаме покачување на платите на вработените во здравствената дејност. Она што го кажа и министерот, значи линеарно покачување по основ на износи 3.000, 2.500 и 2.000 денари, во зависност од групата на сложеност, нагласи Каранфиловски.

Тој додаде дека тоа би значело, преведено во делот на процентуално покачување, дека во моментот, медицинските сестри со средно образование добиваат некаде околу 9,6 отсто покачување на платата, за сестрите со високо стручно образование тоа би било некаде околу 5,8 отсто покачување на платата, а за општите лекари 5,8, ,за здравствените работници 5,8 отсто и на крај најмалото покачување во моментот, но сепак е покачување, 2,7 отсто за лекарите – специјалисти.

– Можам да кажам дека ова покачување се однесува за 15.000 вработени во рамките на гранковиот колективен договор, 15.000 вработени во здравствената дејност, од кои во моментот покачувањето ќе го почувствуваат некаде околу 12.000, бидејќи останатите 3.000 вработени ќе го добијат покачувањето по основ на покачувањето на минималната плата. Покачувањето на минималната плата беше некаде околу 12,6 отсто, мислам на последното покачување на минималната плата, посочи Каранфиловски.

Значи, додаде тој, овие процентуални покачувања се нешто помали од минималната плата.

– Но, платата секогаш била и ќе остане актуелна тема, па се надевам и она што кажа министерот, успеавме во овој момент да го реализираме ова покачување, но тоа не значи дека остануваме на ова. Продолжуваме и понатаму да го валоризираме трудот на вработените во здравството и мислиме дека во таа насока и ќе бидат понатамошните наши активности, подвлече Каранфиловски.

Задоволство од потпишувањето на договорот изрази и Предраг Серафимовски, претседател на Синдикатот на Клинички.

– Нашата борба продолжува, нагласи Серафимовски.

Министерот за здравство беше прашан и околу покачувањето на неговата плата.

– Два месеца сум министер, знам дека тоа е одлука на Уставен суд. Мислам, требаше претходно да се покачуваат платите на здравствените работници и јас сум здравствен работник и верувајте во оваа Влада, секогаш ќе бидам на страната на здравствените работници. Ние нема да застанеме тука, се согласувам со двајцата претседатели, ние ќе се залагаме и понатаму, нормално го имаме предвид и буџетот на државата, со министерот за финансии ќе зборуваме и понатаму, ќе се залагаме и да продолжиме да го добиеме тоа што го заслужуваат. Не да покачуваме, туку да го добијат тоа што го заслужиле, за тоа што секојдневно го работат, одговори Меџити.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK