ДИЦ останува во штрајк и се повлекува од јавни известувања – порача одговорите да ги даваат надлежните министерства

dic
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Немало договор на вчерашната средба во Владата помеѓу синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Синдикатот денеска на прес-конференција објави дека останува во штрајк, но се повлекува од јавни обраќања и дека одговорите на прашањата во врска со нивното барање за повисоки плати и за полагањето на државната матура ќе треба да се бараат во надлежните институции, пред сѐ во Министерството за финансии.

Претседателката на синдикалната организација на 29-те вработени во ДИЦ, Емилија Бошковска, изјави дека на средбата им бил понуден К-15 што, рече, не го добиваат, а законски им припаѓа и за тоа ќе има веројатно и тужби, и линеарно покачување од 2.000 денари што би добиле половина од вработените.


-Од вицепремиерот за економски прашања добивме идентичен одговор, како напамет научен текст на она што досега го добивавме и од министерот за образование и од претставници на Министерството за финансии. Понудено ни е К-15, кој нам ни следува законски и кој досега незаконски ни го спречуваа да го добиеме, и за кој веќе имаме постапка пред Инспекторат, а веројатно ќе следуваат и индивидуални тужби кои државата би ја чинеле дополнителни судски трошоци. Тоа не беше предмет на преговорите, К-15 го имаме во Колективниот и ни следува. Второто што ни беше понудено е линеарно покачување што, исто така, требаше да се случи автоматски и да не биде дел од преговорите. Со еден збор, нашиот поединечен колективен договор на ниво на работодавец го прогласуваат за ништовен со нивното игнорирање и со давање други предлози кои не беа предмет на преговори. Се најдоа начини, се направија ребаланси за нето покачувања од 70-80 проценти, а не можат да најдат решение за 30-ина луѓе кои работат многу напорно и а повеќе одговорности во исто време, рече Бошковска.

Појасни дека за различни позиции бараат различно покачување бидејќи тие сега се збиени.

-Баравме на различни позиции различно покачување, затоа не можеме да пресметаме колку е вкупното барање. Нивната проценка е дека вкупно за сите е околу 27 отсто покачувањето. Кај некого ќе има можеби 10.000, затоа што со години биле онеправдани, а кај некого може и 4.000 денари. И за тој буџет не се согласуваат и сметаат дека е многу голем. Ни даваат нешто што по закон ни припаѓа и не сме го добиле и покрај тоа што сме го барале од Министерството за финансии, рече претседателката на Синдикатот на ДИЦ.

На прашањето дали ќе има државна матура на 27 мај, таа одговори дека штрајкот продолжува и во мирување ќе бидат сите процеси во надлежност на ДИЦ. Ништо повеќе нема да изјавуваат и за се што ќе се случува додека трае штрајкот наместо од нив, изјави и соопштенија медиумите и јавноста ќе треба да добиваат од надлежните министерства, особено од Финансии, кое досега, рече, ни еднаш не им одговорило на барањето.

-Досега се беше наш апел, надеж, дека навистина на Владата и е битно тоа што се случува во образованието и дека и е битно да се случи државната матура.. Сфативме дека ние повеќе се грижиме за децата отколку државата, додаде Бошковска.

Во однос на изјавата на министерот Јетон Шаќири дека ќе има државна матура во закажаниот термин на 27 мај и, за да се реализира, ако е потребно МОН ќе ангажира од своите вработени, таа рече поради тајноста на материјалите влезот во ДИЦ е забранет за надворешни лица, а во некои простории во Центарот не смеат да влегуваат ни сите вработени.

-Со секое влегување на надворешни лица, се нарушува веродостојноста на матурата. Слободно нека донесат, додаде Бошковска.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK