Јавното осветлување во населените места во општина Кочани ќе се врати на состојбата пред делумното исклучување, што беше направено поради енергетската криза и високите цени на електричната енергија.
Со акцијата за штедење, што почна во септември минатата година, од мрежата секојдневно беа исклучени околу 1.200 светилки во градот и селските населби, односно околу една третина од вкупниот број светлосни места поставени на улиците, парковите и другите јавни површини.
– По стабилизирањето на состојбата со енергетската криза, фирмата „Електрика“, која е избран изведувач, веќе работи на вклучување на уличните светилки што во изминатиот повеќемесечен период беа исклучени. Работите се изведуваат по реони, со што постапно во функција ќе бидат вратени сите улични светилки во градот и во населените места, истакнаа од Општина Кочани.
Според податоците од стручните служби во локалната самоуправа, минатата година е остварена позитивна разлика од над 11 милиони денари, меѓу трошоците за струја за јавното осветлување и приходите од надоместокот што го плаќаат граѓаните и другите корисници.
Од Општина Кочани информираа дека заедно со буџетските корисници, односно училиштата, градинките и библиотеката, во текот на октомври, минатата година, била остварена вкупна заштеда од 41 отсто во споредба со истиот период во 2021 година.