Клиниката за психијатрија прв здравствен објект кој ќе ја подобрува енергетската ефикасност со грант од Светска банка

klinika drzavna bolonica
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Објектот на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје ќе биде комплетно реновиран и ќе стане енергетски ефикасен преку проектот за подобрување на енергетската ефикасност што се финансира преку Светска банка, а го спроведува Министерството за финансии во соработка со Министерство за здравство. Градежните работи ќе почнат на 15 мај и се очекува за пет месеци објектот да го добие својот нов лик.

Универзитетската клиника за психијатрија соопшти дека е првиот објект од вкупно 18 здравствени објекти кои треба да бидат опфатени со проектот во компонентата наменета за подобрување на енергетската ефикасност на објекти од централно ниво.


-Основни цели на проектот се намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор и поддршка за воспоставување и операционализација на одржлив механизам за финансирање на енергетска ефикасност во јавниот сектор. Инвестициите во обновливи извори на енергија и зголемувањето на енергетската ефикасност на објектите и на локално ниво и на централно ниво, како и во индивидувалните објекти особено се покажа за значајно во време на енергетска криза, информира Клиниката за психијатрија.

Преку проектот во оваа здравствена установа ќе биде заменета електричната инсталација, осветлувањето, системот за греење, ќе биде поставен централен систем за ладење,  термоизолација на објектот, ќе се изврши реконструкција на покривот, замена на прозорците и вратите…

За време на реновирањето, пациентите од оваа Клиника ќе бидат хоспитализирани во Психијатриската болница-Скопје и одделот за психијатрија во Градската општа болница „8 Септември“, за што овие установи имаат доволно капацитети. Детскиот оддел привремено ќе функционира во ГОБ „8 Септември“-Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK