Гажиќ: Народните обврзници се добар тест за пазарот, верувам дека ќе има интерес

gazik
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Издавањето народни обврзници би бил добар тест за пазарот, да се испита како размислуваат граѓаните и инвеститорите, да се задолжи државата на домашен терен, да се испита колкава доверба имаат граѓаните во државата, а верувам дека ќе има интерес, вели во интервју за МИА Ивана Гажиќ, директорката на Загребска берза, којашто учествува со 30 проценти во сопствеништвото на Македонската берза.

Гажиќ ги споделува позитивните искуства во Хрватска со овој инструмент, истакнувајќи дека повеќе од 43 000 луѓе, односно повеќе од еден процент од целокупната популација, инвестирале во народната обврзница.


– Прогнозите беа дека интересот на јавноста ќе биде околу 500 милиони евра, додека остатокот од една милијарда евра беше планиран за институционални инвеститори. Она што се случи при самото запишување ги изненади сите. Имено, само граѓаните запишаа 1,35 милијарди евра, а фондовите запишаа дополнителни 500 милиони евра. Најмладиот инвеститор има 19 години, а најстариот 99 години, објаснува Гажиќ.

Таа во интервјуто се осврнува на работата на Македонската берза, состојбата и потенцијалите за развој на пазарот на капитал, како и претстојните реформи на нашиот пазар поради усогласувањето со европските директиви. -Овие процеси не се едноставни и безболни, но се неопходни за пазарот да влезе во елитниот клуб на оние кои сакаат да ги следат највисоките стандарди на транспарентност и ефикасност и да ја стекнат довербата и кај компаниите и кај инвеститорите, порачува Гажиќ.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Госпоѓо Гажиќ, раководите со Загребската берза која е стратешки инвеститор во Македонската берза со 30 проценти сопственост. Како го оценувате досега ова партнерство и поврзување?

– Македонската и Загребската берза долги години успешно соработуваат преку размена на знаења и искуства, а поинтенизвно од 2014 година кога заедно со Бугарската берза беше основана заедничката компанија СЕЕ ЛИНК. Исто така, двете берзи имаат потпишано договор за соработка во областа на едукацијата, а македонски компании редовно учествуваат и на инвестициските конференции што ги организира Загребската берза самостојно или во соработка со Љубљанската берза.

Со сопственичката поврзаност оваа соработка дополнително се продлабочи и наша желба и цел е таа да биде уште поинтензивна. Поврзувањето на учесниците на двата пазари на капитал преку настани како што е неодамна одржаниот „Денови на македонскиот пазар на капитал“, кога во Скопје дојдоа релевантни учесници од хрватскиот пазар, односно претставници на брокерски куќи, инвестициски и пензиски фондови и инфраструктурни институции, е уште еден чекор во оваа насока.

Вие сте веќе извесно време и член на Одборот на директори на нашата берза. Како ја оценувате состојбата на нашиот пазар на капитал во последниов период? Колку е искористен потенцијалот на Берзата од страна на корпоративниот и државниот сектор? Кои се вашите сугестии за подинамичен развој на Македонска берза?

– Од првите денови на нашата релација со Македонската берза соработката е одлична. Македонската берза е многу добро организирана и проактивна организација. Секоја берза е одраз на економијата. Оттука, во двете земји се бориме со слични предизвици – и тоа, би рекла, доста успешно. Македонската берза за хартии од вредност функционира многу добро, во согласност со стандардите и ја има поддршката од регулаторот во напорите за понатамошен развој на пазарот. Професионалноста на вашиот регулатор ја почувствувавме и преку процесот на добивање одобрение за стекнување на квалификуван удел, за што сме многу благодарни. Сметаме дека македонскиот пазар има потенцијал, особено во однос на акумулираните заштеди, а има и добри можности за инвестирање, но како и во случајот со Хрватска, сеопфатна национална стратегија за развој би му дала дополнителен поттик на овој сектор. Исто така, приватизацијата на државните компании преку берза секогаш го дава потребниот поттик за уште посилен развоен исчекор. Државата секако би можела во поголема мера да ги искористи можностите на пазарот на капитал, во двете земји.

Работата на Одборот на директори на Македонска берза ја сметам за многу професионална, особено со оглед на тоа што имав можност да бидам или се уште сум член на повеќе надзорни одбори. Со цел мое полесно учество на седниците, почнав да го изучувам и македонскиот јазик.

Неодамна во Загреб беше потпишан договор за котација на т.н. народни обврзници издадени од Република Хрватска на Загребската берза. Што значи издавањето на овој инструмент и какви можности отвора?

– Во Хрватска издавањето на ваква обврзница се покажа како одличен потег, предизвика огромен јавен интерес, а обврзницата се тргува сосема солидно на берзата. Во Хрватска, повеќе од 43.000 луѓе, односно повеќе од еден процент од целокупната популација, инвестираа во народната обврзница. Прогнозите беа дека интересот на јавноста ќе биде околу 500 милиони евра, додека остатокот од една милијарда евра беше планиран за институционални инвеститори. Она што се случи при самото запишување ги изненади сите. Имено, само граѓаните запишаа 1,35 милијарди евра, а фондовите запишаа дополнителни 500 милиони евра. Најмладиот инвеститор има 19 години, а најстариот 99 години. Граѓаните можеа да ги запишуваат обврзниците преку 6-те најголеми хрватски банки коишто располагаат со преку 500 филијали, а особено беше важно што две банки овозможија регистрација преку нивната m-banking апликација. Тоа е и важен едукативен момент бидејќи околу 17 000 луѓе за првпат отворија инвестициски сметки, односно за првпат станаа сопственици на хартии од вредност. Иако стапката на инфлација во моментот на издавањето на обврзницата беше повисока од купонската камата од 3,65 проценти, граѓаните како добра инвестиција ја препознаа практично нултата каматна стапка на депозитите. За атрактивноста придонесе и тоа што каматите на обврзниците се ослободени од данок. Овие обврзници донесоа и одредена нова ликвидност на берзата. Почнувајќи од првиот ден на тргување којшто беше на 10.3.2023 година досега вкупно се истргувани над 11 милиони евра.

Од вкупното ниво на депозити од 35 милијарди евра, една милијарда евра се префрлени во обврзници, а очекуваме граѓаните после достасување на оваа обврзница да ги имаат предвид и другите можности за инвестирање на берзата. Со ова на граѓаните им се даде интересна можност за вложување, а се покажа дека кога ќе се појават можности има интерес и апетит.

Една од важните цели за државата во оваа проблематика беше секако приносот да остане кај хрватските инвеститори кои може дополнително да го инвестираат или да го потрошат во својата татковина, при што истовремено на државата и стои на располагање стабилна инвестициска база на која може да смета. Во Хрватска веќе е најавено дека вакви емисии ќе продолжат да се издаваат и во иднина, а ние со нетрпение го очекуваме тоа.

Дали мислите дека ваков финансиски инструмент може да се издаде и кај нас и што би значело тоа за нашата берза?

– Сигурно е дека ваков инструмент може да се издаде и во Македонија, а на настанот „Деновите на македонскиот пазар на капитал“ слушнавме и вакви најави од Министерството за финансии, што апсолутно го поддржуваме. Важно е да се каже дека голем број земји во регионов го имаат истиот инструмент и успешно го користат со години, а хрватскиот пример е дополнителен поттик за другите земји коишто сеуште не го сториле тоа. Секако, ова би бил и добар тест за пазарот, да се испита како размислуваат граѓаните и инвеститорите, да се задолжи државата на домашен терен, да се испита колкава доверба имаат граѓаните во државата, а верувам дека секако ќе има интерес. Ова се добри чекори за поттикнување на дополнителен развој на пазарот на капитал.

Како се одразуваат на работата на берзите војната во Украина, потресите на меѓународните финансиски пазари/банкарскиот сектор, инфлацијата и какви се вашите очекувања за однесувањето и фокусот на инвеститорите во наредниот период, ќе има ли промени во нивниот пристап?

– Целиот свет помина низ невидени турбуленции во последните неколку години, пазарите не беа исклучок. Сепак, пазарите и нивните учесници се покажаа како прилично робусни и релативно брзо закрепнуваат. Сетете се на почетокот на оваа година – страв од инфлација и рецесија, а денес, неколку месеци подоцна, обновен бран на оптимизам и доверба во пазарот. Оттука, јасно е дека активното управување со кризи и бројните мерки на владите и централните банки брзо произведуваат резултати и ја враќаат довербата во пазарот.

Државава треба да ја усогласи регулативата во областа на хартии од вредност со европското законодавство, колку може тие директиви да се применат на пазар како нашиот? Кои се вашите препораки во таа насока и какви се искуствата на Хрватска?

– Финансискиот сектор е секогаш предводник на промените, а тоа беше случај и во Хрватска. Нашето законодавство што го регулира пазарот на капитал беше усогласено со законите на ЕУ уште пред Хрватска да ги започне пристапните преговори. Овие процеси не се едноставни и безболни, но се неопходни за пазарот да влезе во елитниот клуб на оние кои сакаат да ги следат највисоките стандарди на транспарентност и ефикасност и да ја стекнат довербата и кај компаниите и кај инвеститорите.

Можеби понекогаш овие регулативи изгледаат непрактични за малите пазари, но правилата на Европа се јасни. Она што важи за најголемите, важи и за најмалите. Од друга страна, регулаторите во секоја земја секако треба да се погрижат да ги искористат можностите за исклучоци за локалниот пазар, што им се достапни согласно директивите, во најголема можна мерка. Транспарентноста и недвосмислените правила во Европа се она што инвеститорите го бараат денес и што се подготвени да го наградат. Како земја која десет години е членка на Унијата, а сега и на Еврозоната и Шенген зоната, подготвени сме на македонскиот пазар на капитал да му ја дадеме сета можна поддршка за негов понатамошен развој и во овој домен.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK