Во Охрид наредните денови посебен сообраќаен режим и засилени безбедносни мерки

policija_mvr_345435
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Пoсебен режим на одвивањето на сообраќајот со засилени безбедносни мерки ќе бидат во сила во Охрид во периодот од утре заклучно со 11 мај, како за централната манифестација на одбележување на Денот на македонската полиција, така и за 50. Европска регионална конференција на Интерпол.

Според информациите од СВР – Охрид, активностите ќе бидат насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на одредени објекти, локации и сообраќајници, каде е предвиден престој и движење на најавените делагации.


За утре од 6 часот во сила ќе биде забраната за паркирање на моторни и други возила на булевар „Македонски Просветители“, на паркингот пред плоштадот „Крушевска Република“, на кружниот тек на плоштадот „Свети Климент Охридски“, долж Кеј „Македонија“ до пресекот со улицата „Ванчо Николески“, како и долж улицата „Партизанска“ од пресекот со булеварот „Македонски просветители“ до пресекот со улицата „Кузман Јосифовски“.

Исто така, паркирањето возила ќе биде забрането и на паркингот кај „Горна Порта“, долж улицата „Илинденска“, на паркингот кај „Долни Сарај“, паркингот пред црквата „Света Софија“ и улицата „Коста Абраш“.

Сообраќајното обезбедување ги опфаќа и останатите магистрални, регионални и локални патишта, како и заштитниот појас на патиштата заедно со улиците во населените места и паркиралиштата.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, утре ќе презема засилено сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, пред сѐ по булеварот „Туристичка“, но и по другите патишта и сообраќајници каде не е дозволено запирање или паркирање моторни возила. Мерките предвидуваат непречено пропуштање на возилата со приоритет наменети за обезбедуваните личности при што, нема значително стопирање на нормалното одвивање на сообраќајот бидејќи, предвидено е последователно и непречено пропуштање на останатите возила во сообраќајот.

Со цел непречено одвивање на мерките, деновиве СВР Охрид оствари координативни средби со службите од локалната самоуправа, како и со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со службите за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид, со јавните претпријатија и останати релевантни субјекти.

Со оглед на значајноста на настанот во Охрид, од СВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците и другите локации.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK