Матурантката Ања Спасовска од Куманово освои бронзен медал на олимпијада по хемија

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 Матурантката Ања Спасовска од кумановската гимназија „Гоце Делчев“ освои трето место на меѓународната олимпијада по хемија „IchO“. Бронзениот медал, Спасовска го освои заедно со врсници од две скопски гимназии во конкуренција од 330 ученици од 83 држави од светот.

Олимпијадата се одржа онлајн, а годинава домаќин беше Кина. Ања се натпреваруваше и лани на Олимпијадата која поради ковид-состојбата се одржа онлајн. Тогаш домаќин беше Јапонија.


Успехот не доаѓа преку ноќ, вели Ања, која се вљубила во хемијата во основно образование, по што се надоградувала во изминативе години. Таа редовно учествувала на општински, регионални и државни натпревари по хемија што ги организира Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Дневно, пред натпреварите, одвојува по шест часа за учење.

– Кога ќе стигнеме до државен натпревар, првите десет од секоја категорија, прво, второ и трето имаат право на селекција која се одвива во јануари. По таа селекција се одбираат првите десет, следат подготовки што ги организираат професорите од Факултетот, нè подготвуваат, следи уште една селекција и се одбира тимот, претставник на Олимпијадата. Имаме тест од пет часа со осум до девет проблеми од различни области од хемија и секој го решава сам, раскажува Ања.

На Олимпијадата, учесниците решаваат проблеми од органска, неорганска, аналитичка и физичка хемија и комбинирани проблеми. Поголем дел од тестот има прашања по органска хемија.

– Интересно е што се става фокус на овој дел од хемијата. Мора да признаам дека ми е омилен дел од хемијата, вели матурантката.

Хемијата не и бил прв омилен предмет, туку музиката. Но, во осмо одделение во основното училиште „Крсте Мисирков“ кога се запознала со хемијата, таа ѝ станала предизвик. Веднаш почнала со натпревари. Токму подготовките за натпреварите биле пресудни да го засака предметот.

– Подготовките за натпреварите беа можност продлабочено да се изучува предметот. На училиште се изучува, но, не толку детално. Жал ми е што морам да кажам дека на повеќето ученици, хемијата не им е омилен предмет. Затоа треба суштински да се ангажираме со поддршка на професорите, вели Ања.

Младата кумановка вели дека иако во училиштата има кабинети, нема доволно практична настава.

– Единствените експерименти што ги правев беа на натпреварите по хемија во поранешната „Народна техника“, но само во прва година. Потоа почна пандемијата и учевме онлајн, вели Ања.

Спасовска е првенец на генерација. Ќе го продолжи образованието со фокус на хемијата во Љубљана, Словенија. Планира да заврши мастер, подоцна за докторат ќе продолжи во Швајцарија.

– Би сакала да бидам професор на факултет, подоцна би сакала да имам истражувачки тим или да работам на факултет со истражувачки тим. Би сакала или органска или физичка хемија, ќе одлучам во текот на студиите, вели матурантката.

Нејзината менторка, класен раководител и професорка по хемија во кумановската гимназија „Гоце Делчев“, Лидија Тасевска Стојковиќ вели дека учениците како Ања се ретки.

– Последниве две години поради состојбата со пандемијата наставата се одвиваше онлајн, а последнава година поради протоколите, наставата не се одвиваше во кабинетот, единствено при крај на учебната година кога ја подготвуваше матурската тема се посветивме на експерименталниот дел, вели професорката.

Таа додава дека има ученици кои ја сакаат хемијата, но со Ања го постигнува најголемиот успех.

– Таа е прво девојче од државата која успеа да освои медал. Многу сум горда на нејзиниот успех. Таа е исклучителен ученик, а пред се прекрасна личност, успешна на секое поле, вели Тасевска Стојковиќ.

Професорите се трудат да им посветат внимание на надарените и талентирани ученици. Покрај редовните часови, професорите организираат дополнителни часови за учениците како Ања.

– Мислам дека се потребни некои измени во поглед на образованието, особено за надарените ученици. Токму преку ваквите меѓународни натпревари ги забележуваме недостатоците на нашиот образован систем за работа со талентирани ученици, иако имаме доста солидно образование, што покажуваат и овие успеси. Сепак, потребно е надоградување во чекор со напредувањето на науката и малку повеќе стручна литература, вели Тасевска Стојковиќ.

Во македонскиот тим учествуваа и Дарко Стојчев, матурант од гимназијата „Јосип Броз Тито“, кој освои бронзен медал и Филип Бојаџиевски од скопската гимназија „Орце Николов“.

Александра Максимовска

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK